ДВЕ БЛИСКИ ЛОКАЦИИ СЕ ВО ИГРА ЗА НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР Изборот ќе се знае до крајот на летото

0

Премиерот Христијан Мицкоски очекува до крајот на летото да биде заокружен процесот за избор на локација за новиот клинички центар, по што ќе може да започне подготовката за реализација на капиталната здравствена инвестиција.

Одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за трауматологија во ЈЗУ Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, Мицкоски изјави дека се водат разговори со сопственикот на земјиштето, а се разгледува и алтернативна локација во близина.






– Да, има разговори. Разговараме со сопственикот на земјиштето. Имаме и втора опција во близина на таа парцела. Нормално, никогаш не се потпираме само на една опција. Очекувам дека во тој периметар ќе можеме да го заокружиме процесот, а потоа да направиме добар план за конечно да отпочнеме со реализација на таа здравствена инвестиција – рече Мицкоски.

На прашањето кога очекува да биде завршен процесот, премиерот посочи дека тоа би требало да се случи во текот на летниот период.

– Летово нека биде последен период – изјави премиерот.

Локацијата што Владата ја разгледува за изградба на новиот клинички центар е просторот кај спортскиот центар и базенот „Борис Трајковски“ во Карпош, во непосредна близина на ГОБ „8 Септември“, ПЕТ Центарот и поликлиниката „Букурешт“.

Според досегашните најави, земјиштето е во приватна сопственост и се водат преговори за негово обезбедување, а планот е новиот клинички центар да биде дел од интегриран здравствен комплекс поврзан со ГОБ „8 Септември“ преку топол подземен премин.

Премиерот Мицкоски претходно изјави дека станува збор за локација со добра сообраќајна поврзаност и инфраструктурни можности, додека првичните активности за реализација на проектот, доколку процедурите се одвиваат според планот, би можеле да започнат во текот на 2027 година.

Поврзани содржини