Пропаганден холокауст

810

Немате што да забележите на комплексната креативност на реномираниот холандски уметник Стал, ниту пак на напорите на организаторите да ни ја прикажат неговата верзија на пропагандата во светот денес – ултранационалистичка пропаганда, десничарска пропаганда, либерална пропаганда, финансиска пропаганда, пропаганда на империјата, климатска пропаганда, геолошка пропаганда и др. – и нејзините немилосрдни влијанија (и) врз културата и уметноста. Но ние, де факто, како држава, сме барем во тоа понапредни од Европа: ние, прво, речиси веќе и немаме непропагандна култура и уметност, и второ, имаме само една пропаганда, онаа во сите бои (црна, сива, бела…), којашто интринсично ги опфаќа и сите други видови. И е раководена од државната власт, дистрибуирана во сите пори на општеството низ нејзиниот разработен пропаганден клиентелистички систем. Сега, со налудничавото враќање на државното рекламирање во медиумите, и тоа со наши пари, таа „шарена“ пропаганда ќе поприми димензии на Орвеловско-Ланговски медиумско-пропаганден холокауст.

Но и без него, Македонија одамна е пропаганден музеј на отворено, светска атракција во тој домен, еднакво како и кичот на „Скопје 2014“, којшто во 2028 година ќе нѐ претставува како културна престолнина на Европа. Иако повеќе одговара културен циркус на Европа, но до таа година можеби и тоа ќе си дојде на своето место. Само треба да се најде еден поголем – циркуски шатор!






Се разбира, оптимистите ќе речат: па барем по нешто да сме препознатливи, нели. А бидејќи веќе го спомнувам Јонас Стал и неговото гостување во МСУ, можеби некој од кураторите на неговото претставување треба да му укаже на последното пропагандно шоу на веќе „славната“ портпаролка на сдсм (малите букви се реален одраз на моралното и политичкото рамниште на оваа „партија“ денес), во коешто вели: „ДПМНЕ, со Силјановска нуди само враќање назад, во изолација, заглавени 11 години без било каков напредок, далеку од ЕУ. Даваат лажни ветувања кои никогаш нема да се остварат. Доволно е само да се погледне што се случи во Скопје. ДПМНЕ не донесе никаква позитивна промена, не донесе никаква реформа, само катастрофа. ДПМНЕ не може да донесе никакви позитивни промени затоа што единствената шанса за Македонија е членството во ЕУ – а тие се против тоа. Со ДПМНЕ нема ЕУ ниту за 100 години.“ Без овој локален сегмент, презентацијата на Стал е – нецелосна.

И кога целиот овој „сдсм циркус“ го комбинирате со последните сретселски кокодакања на нивниот конгрес – оние на претседателот на партијата, на „независниот“ претседателски кандидат и др. – со право ќе речете дека тоа и не е некаква пропаганда туку ординарно провинциско и божем итерпејовско „надмудрување“ кој е поглуп. Па веројатно и ќе бидете во право зашто такви ликови „живеат“ само во македонските народни приказни! И сега, ука-бука, Ковачевски не го пуштиле да влезе на собирот на европските социјалисти во Рим! Па ни јас не би го пуштил.

Како и да е, и актуелниов „сдсм циркус“ е типична нивна пропаганда, најшарена од сите можни и познати, којашто веќе осма година „се вози“ на извртената теза дека власта, оваа „прогресивна“ власт, е тука само за украс и инкасирање онолкави плати, а некој друг, особено опозицијата, треба да ги сработи сите други државни работи. Особено оние коишто слепциве им ги беа ветиле на избирачите во онаа 2016 година, и понатаму. Овие стрип-ликови сакаат да ве уверат дека сиве години на власт е опозицијата, особено она ДПМНЕ, и токму тие морале да донесат напредок, позитивни промени, реформи, можеби и членство во ЕУ…! Тие се всушност главната причина за сите катастрофи во државава, а не фамозниве „прогресивни“ наследници-барокољубци и нивната „интелектуална“ клиентела.

И згора на сѐ, ниту претседателската кандидатка на ДПМНЕ не им се допаѓа бидејќи, ете, таа не би можела да донесе никакви позитивни промени иако е професор по Уставно право, ама оној нивнион, „неконтролиран“ (како што самиот се декларира!), со петгодишен рејтинг не повисок од 4% – може? Се разбира, кога „прогресивниве“ политиканти би имале малку срам и малку повеќе политички и човечки морал, би се сетиле дека токму потписот на неговото пенкало ни смести редица анахрони, ретроградни и авторитарни закони, смислени во најтемните катчиња на властелинските штабови и нивната приглупа клиентела.

Затоа и не е на одмет одвреме-навреме да си ги препрочитуваат ветувањата што ги давале на избирачкото тело, особено оние од 2016 година, и подоцна. На пример, нивниот веќе историски „План за живот“ којшто, за медиумските политики, ветуваше „цел пакет реформи на медиумската сфера“, „клучни мерки за итни демократски реформи на групата невладини организации изнесени на конференцијата ’Blueprint for Urgent Democratic Reforms’“, прекинување на „трошењето на средства од буџетот на државата, општините и јавните претпријатија за реклами во медиумите“, „јавноста нема веќе да биде труена ниту со владина, ниту со политичка пропаганда“ итн., итн.

И сето тоа збришано во миг со потписот на „неконтролибилниот“ ни и „недиригиран“ „претседател“, а избришано и од политикантската меморија на „прогресивциве“. Се разбира, пропагандата нема меморија, ама забораваат дека луѓето – имаат!

Затоа, нивната манипулативна мултиколористичка пропаганда насочена кон дисторзија на реалноста и/или меморијата на избирачкото тело е само уште еден безобразен обид во низата да се заведе јавното мислење, да се оцрни опозицијата и сите кои мислат поинаку. И сето тоа дополнително ќе се вжештува со секој нов ден до изборите. А меморијата уште посилно ќе се брише, ќе се полира новата реалност, „херојскиве“ години на манипулативното менување на името на државата, на бугарскине „протоколи“ што не постојат, нели, на фантастичната „француска рамка“ итн. Останува уште да видиме како ќе го депласираат државниот криминал и корупција, какво ново име ќе му дадат…

Но, всушност, сите овие нивни осум години се пример на нечесна манипулација и социјално влијание помогнато од нивните орди „интелектуални“ клиенти, на сметка на граѓанинот, опозициските политички партии и, секако, вистината! Ќе гледаме и нови ликови во таа игра на надмудрување на паметењето на граѓаните, нови сурии простаци кои ќе сакаат да откинат делче од азното барем на крајот од мандатот на бандитиве.

Еден од важната „клиентела“ со куса меморија настојчиво се обидува да нѐ убеди дека сите проблеми започнуваат и завршуваат со „фактот“ дека во политката генерално, a (демек) особено во меѓународната, два плус два не се секогаш четири. Што не е точно, се разбира, зашто тоа е, повторно, застапување на „теоријата“ за „малите“ и „глупави“ народи, секогаш манипулирани од „големите“, заборавајќи притоа дека меѓу „големите“ два плус два по правило мора да бидат – четири. Но тој резултат е секогаш проблематично погрешен токму кај нас, односно кај политикантиве кои плаќаат такви клиенти. Или, ако сакате, „стручњакот“ не кажува како, и зошто, токму овде и сега, но и порано, два плус два никогаш не се четири!?

Зашто македонските власти, особено оваа осумгодишна криминална банда, има посебна математика. Кај нас секогаш, а особено денес, владее некаква виша математика, онаа на неуките, неспособните и некомпетентите…, или – ако баш сакате – токму на оваа политикантска гарнитура којашто сега активира клиентски групации што ќе мора да ги оправдаат сите нивни криминали, неработење и/или погрешно работење, разнебитувањето на државните ресурси итн. Па и јавно да истакнуваат за кого ќе гласаат. Како да е тоа нешто за фалење!

П.С.

Можеби нашиот локален „стручњак“ за математика треба да ги прочита спомените на Дора Бакојану со Кондолиза Рајс и да види како се бранат претпоставени национални интереси дури и од мала земја?

Извор: Теодосиевски уметност

 

Поврзани содржини