ПРОМОВИРАНА СЛИКОВНИЦАТА „КОШНИЦА СО ОВОШЈЕ“ Децата ѝ се огромна инспирација на Сања Стојанова

86

Сања Стојанова од Велес неделава ја промовираше својата прва книга, сликовницата „Кошница со овошје“.

Таа е голем љубител на книгите, сака да пишува и твори и работи со деца.






– Имаме домашна библиотека и секогаш читаме со децата. Особено обожуваме сликовници. Инспирација за оваа сликовница ми е моето поголемо дете Андреј. Тој има толку многу прашања на кои бара одговори. Сакав моето прво дело да симболизира поврзаност со него, затоа што токму прашањата на Андреј се поттик за мојата имагинација. Не секогаш сакам да му ја доловам суровата реалност па вртам одоколу со малку порозова слика и така и јас секој пат сѐ повеќе живеам со нив во приказните – објаснува Сања.

Концептот на оваа сликовница е љубовта кон овошките, љубовта кон баба и најблиските. Барајќи ги бројките меѓу страниците се вежбаат малите очиња и се поттикнува имагинацијата. Се зборува за здрави навики и преку прошетка на пазарот е пренесено шаренило од бои и убавини. Андреј е тој што ги води децата низ оваа сликовница.

– Возраста за која е наменета се децата кои веќе имаат 3 години па нагоре. Помалите ќе уживаат преку сликите, а децата од предшколска возраст ќе можат и да ја прочитаат – вели Сања.

Промоцијата на сликовницата „Кошница со овојше“ се случи во Медијатеката на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес пред многубројна публика, а детскиот џагор и смеа, се слушаа низ целата библиотека.

Промотор на сликовницата беше писателот Панче Коцев, а илустрациите се дело на Надица Златкова Митевска, графички дизајнер и илустратор.

Сања моментално води игротека за тинејџери и вели дека од секогаш сакала да работи со деца -Сакам организирани дружби, сакам кога гледам дека со интерес ме слушаат и дека тие очиња го впиваат она малку што јас го знам. Децата не судат, тие љубат искрено и секогаш после роденден јас имам сила за уште многу такви настани – објаснува таа.

Поврзани содржини