ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „60 ИКОНИ НА МАЈКАТА БОЖЈА“ Французинка 20 години ги истражува црквите во Македонија
Книгата ги опфаќа најзначајните иконографски типови на Богородица, нивниот теолошки, историски и уметнички контекст, како и нивната улога во византиската и западната традиција.
Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, пред повеќе од 200 гости беше промовирано македонското издание на книгата „60 икони на Мајката Божја“ од француската авторка Аријан де Сен-Марк, дело што претставува внимателно селектирана и богато анализирана збирка иконографски претстави на Богородица од VII до XV век. Книгата ги опфаќа најзначајните иконографски типови на Богородица, нивниот теолошки, историски и уметнички контекст, како и нивната улога во византиската и западната традиција.
Авторката Аријан де Сен-Марк истакна дека нејзиниот интерес за византиската уметност започнал спонтано, но прераснал во долгогодишно истражување.
– Јас сум пред сè уметник, не писателка. Мојот интерес за христијанството и византиската уметност се појави случајно, но со текот на времето прерасна во големо истражување. Патував од Финска до Етиопија, а речиси две децении ги истражувавме црквите, манастирите и музеите во Македонија и регионот – рече таа.
Според неа, целта на книгата е да се поврзат источната и западната традиција во претставувањето на Богородица и да се укаже на богатството на православното културно наследство кое, како што нагласи, сè уште не е доволно познато на Западот.
– Вашите цркви и манастири се вистинско богатство. Кога ќе ги посетите, потребно е време за да се восхитите на фреските и мозаиците и да се обидете да ги разберете – додаде де Сен-Марк.
Промоторката на книгата, проф. д-р Елизабета Димитрова, истакна дека од 60-те претстави на Богородица опфатени во изданието, дури десет се од македонски цркви. Таа посебно се осврна на фреската избрана за корицата на книгата „Успение на св. Богородица“ од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Полошко.
– Фреската од Полошко не е случајно избрана. Таа е една од најрепрезентативните меѓу сите 60 примери бидејќи прикажува исклучително емотивен момент во кој Христос ја напушта својата божествена аура за да ја бакне својата мајка, која спокојно почива – истакна Димитрова.
Таа додаде дека книгата не е класично структурирана научна студија, туку следи сопствени истражувачки принципи и хронолошка линија на развојот на иконографијата низ средниот век.
Објавувањето на македонското издание е овозможено со поддршка на Анета Антова – Пешева, која истакна дека идејата за книгата започнала пред повеќе години кога се запознала со авторката и ја поттикнала да ги истражува македонските фрески.
– Оваа книга ни ги отвори очите за богатството што го поседуваме. Нашата порака е тоа културно наследство да го покажеме пред светот – нагласи Антова – Пешева.
Промоцијата беше и омаж на преведувачот Тихомир Јанчовски, чиј превод од француски е негово последно дело. За неговиот придонес говореше неговиот долгогодишен пријател Сашо Гигов-Гиш, кој истакна дека „неговото творештво ќе остави длабок печат во македонската култура“, додавајќи дека Јанчовски бил човек на слободната мисла и силниот збор.
Книгата „60 икони на Мајката Божја“ нуди длабинска интерпретација на симболиката, стилските особености и духовната димензија на иконите, претставувајќи ја Богородица како централна фигура во христијанската уметност и духовност низ вековите, а истовремено ја доближува оваа тема и до пошироката публика.