Промоција на демократијата на Балканот стана безбедносно прашање

Научената лекција е дека доколку нема надворешен, ЕУ или американски ангажман и поддршка за храбри домашни решенија, ќе требаат сто години, народи чии умови се загадени со национализам, историја и супремација, да стасаат до домашен или до компромис со соседите.

858

Руската агресија во Украина е сигнал за почеток на една нова и многу опасна ера на Западниот Балкан. Во меѓународната политика ќе почне да доминира логиката на Студената војна: она што е добро за едната страна е лошо за другата. Тоа значи дека проектот на ширење на транс-атлантската зона на демократии кон Западниот Балкан, автократска Русија веќе го смета за закана. Согласно девизата дека она што е добро за едната е лошо за другата страна, Русија ќе го саботира проектот со сите расположиви средства. Не случајно, малата Македонија, трисеттиот член на НАТО,е прогласена за непријателска држава од страна на Русија, а пред некој ден и од Белорусија.

Незавршениот проект на интеграција на Западниот Балкан во ЕУ ги зголемува опасностите во регионот. Научената лекција е дека доколку нема надворешен, ЕУ или американски ангажман и поддршка за храбри домашни решенија, ќе требаат сто години, народи чии умови се загадени со национализам, историја и супремација, да стасаат до домашен или до компромис со соседите. Токму овие внатрешни слабости на демократскиот систем и нерешените спорови со соседите, можат да бидат искористени од страна на непријателите на демократијата да ги поништат успесите во процесот на интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ. Да се дискредитира демократското уредување не е тешка задача на Балканот. Демократијата кај нас често се доживува како корумпиран систем во полза на политичките партии и нивните пријатели. Долгите демократски процедури, пак, се доживуваат како неефикасни начини за решавање на општествените проблеми. Згора на тоа, заедничката автократска традиција на Русија и на Балканот има создадено фасцинација со автократски водачи кои на луѓето им се чинат ефикасни во решавањето на општествените проблеми. Несвесни за опасностите од автократското владеење, мнозина кај нас би се согласиле со Трамп, Џулијани, Салвини или Најџел кога велат за Путин: „Тој носи одлуки и ги извршува бргу. Тоа се нарекува водач“. Ако таква фасцинација постои на Западот, дури и во земји какао Америка или Велика Британија, можеме само да замислиме колкава е на Балканот .






Демократските вредности кај луѓето се најдобрата одбрана против автократските влијание дома и од надвор. Најдобриот начин да се промовираат демократските вредности е да се отворат вратите за преговори за членство во ЕУ. Тоа е и единствениот начин. Настаните во Украина бараат зголемен ангажман како на ЕУ така и на земјите од Западниот Балкан. Со почетокот на новата Студена војна меѓу демократиите и автократиите, промоцијата на демократијата на Западниот Балкан стана безбедносно прашање. Но, во регион кој има огромен недостаток на либерални луѓе способни да ги повлечат општествата кон ЕУ, задачата е колосална.

Иво Андриќ, нобеловецот од Балканот еднаш напиша: „Овие нации…кои се нарекуваат со различни имиња и проповедаат различни религии, еден ден, ќе мора да најдат заедничка основа за сопствениот опстанок – една поширока, подобра, порационална и похумана формула…“  ЕУ е таа пронајдена формула.

Поврзани содржини