Промоција и афирмација на медијација како алтернативно решавање на спорови надвор од судот

Министерот за правда Бојан Маричиќ најави дека на крај е се измените на Законот за медијација, а позначајна новина е начинот на полагање вербалните и комуникациските вештини на евентуалните медијатори.

330

Поголема промоција и афирмација на медијацијата, да биде позната, достапна и применлива, укажување на предностите на медијацијата, како алтернативно решавање на спорови наместо судските постапки, побрз, поефтин начин со помалку потрошено време, за каков и да е спор што е медијабилен,  квалитативно подобрување на испитот односно полагањето за медијатор, присуството на јавноста е дополнителна вредност, постои раст на предмети преку медијација, професионализација на медијаторите, законско решение кое ќе ја поттикне, а не да ја направи задолжителна медијацијата, финишираат измените на Законот за медијација кој е во владина процедура, по што ќе биде испратен во Собрание, медијацијата да се изучува и да се воведат постдипломски студии на Универзитетите, културната матрица никогаш не може да служи за оправдување, формирање дисциплинска Комисија за медијаторите…

Ова се само дел од заклучоците и препораките од денешната конференција на тема „Придобивките од медијацијата како алтернативен начин на решавање на спорови“, по повод претставување на активностите и резултатите што треба да се постигнат со проектот „Медијација, без дилема!“, кој Институтот за европска политика го спроведува во соработка со Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев’’, Комора на медијатори на Република Северна Македонија и Холандска федерација на медијатори. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.






Министерот за правда Бојан Маричиќ најави дека на крај е се измените на Законот за медијација, а позначајна новина е начинот на полагање вербалните и комуникациските вештини на евентуалните медијатори.

Медијацијата, нагласи тој, е концепт кој промовира мирно решавање на споровите, во кои сите страни се чувствуваат како добитници и која може во сериозна мера може да ги намали трошоците на судските постапки и да ги намали потребите од судските спорови.

– Медијацијата говори за културата во општеството дека разликите може да се надминат преку дијалог и разбирање, без да се троши времето кое ни е скапоцено за сите. Медијацијата им овозможува на странките да ги редефинираат своите односи или активности или пак да воспостават нова соработка меѓу нив, рече Маричиќ.

Тој илустрираше неколку статистички податоци, вкупниот број медијации меѓу 2007 и 2016 година не можеше да постигне ниту троцифрен број, веќе од 2017 година се забележува огромна разлика. Лиценцираните медијатори, заклучно со октомври оваа година, прикажале влез на 1837 предмети во регистерот за евиденција на постапките за медијација на МП. Од овие предмети 68 отсто или 1241 завршиле со спогодба, при тоа најголема успешност има кај работните спорови, каде од 948 предмети 99,6 отсто односно 945 предмети се завршени со постигнати спогодби.  Кај трговските спорови процентот на успешност е 28 отсто.

Министерот Маричиќ оцени дека најдобрата страна и придобивка од медијацијата е што сите се чувствуваат како победници.  Оцени дека медијацијата е добар потенцијал и за бизнис секторот, се задржуваат бизнис партнерите и односите, поголемо задоволство кај вработените. Чувствителна сфера остануваат, посочи, трговските спорови од мала вредност.

– Потребно е значително да го унапредиме концептот и да ја зголемиме искористеноста на медијацијата. Во извештајот на ЕК за оваа година се укажува дека треба да се продолжи со процесот на јакнење на свеста за медијацијата, особено на полето на заштита на потрошувачите и здравствената заштита, со оглед на тоа што примиената на медијацијата е лимитирана и треба да се работи на нејзина актуелизација и промоција, рече Маричиќ.

Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политика најави дека во следните две години ќе работат заедно со партнерите кон зголемување на стапката на користење на медијацијата како алтернативен начин на решавање на споровите, ќе се обезбедуваат истражувања базирани на докази односно, како што рече, каде сме денеска 14 години по донеување на Законот за медијација, ќе се зајакнуваат заедничките капацитети со Комората на медијатори, ќе овозможуваат суштински дијалог на сите чинители.

Заменик амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје Роберт Декер, оцени дека овој проект е почеток на дијалог и соработка меѓу најрелевантните засегнати страни, судиите, обвинителите, медијаторите и граѓаните. Изрази надеж дека во следните две години со овој проект ќе се поттикнат граѓаните да ја користат медијацијата како алтернативен начин за да ги решат нивните разлики.

– Има могу предности што ги дава медијацијата. Им овозможува на странките да ги решат нивните разлики вон суд со помош на непристрасен медијатор, при што се наоѓа заемно прифатливо решение. Целта е да се реши конфликтот на поефитин начин и начин што го заштедува времето, рече Декер.

Тој информира дека во Холандија 83 проценти од јавноста  препорачува употреба на медијација, а околу 95 проценти од холандските судии сметаат дека и да се донесе судска одлука проблемот нема да биде решен. Декер посочи дека има случаи кои подобро се решаваат и вон судот и затоа медијацијата го олеснува товарот и врз судовите.

– Медијацијата може да биде делотворен начин да се обезбеди соодветен и делотворен одговор на различни спорови, силен механизам на владеење на правото и да се забрза правдата, затоа што понекогаш забавената правда значи немање правда воопшто. Донесувајќи клучни законски решенија, во согласност со стандардите на Советот на Европа и ЕУ, Северна Македонија прави значајни чекори напред во однос на владеење на правото. Ја поттикнаа Владата и НВО да се надворзат на делотворно спроведување на овие законодавни решенија, истакна заменик амбасадорот на Холандија.

Според Наташа Габер Дамјановска, директорка на Академијата за судии јавни обвинители, медијацијата како средство алтернативно решавање на споровите во нашата држава малку се применува. Граѓаните и правните субјекти, подвлече, многу полесно се одлучуваат за поведување судски спор кој може да биде подолготраен и поскап, отколку да изберат медијација.

– Државата преку сите релевантни институции се обидува да го промовира овој економичен и брз начин на решавање на одреден настанат спор, рече таа.

Согласно актуелниот Закон за медијација, медијацијата се применува особено во имотно правни, семејни ,работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, во образовние, заштита на животната средина, спорови за дискриминација и други.

– Дури тука може да се приклучат и одредени кривични спорови доколку со   посебен закон не е исклучена примената на медијацијата, рече меѓу другото Габер Дамјановска.

Информира дека Академијата, од 2013 до денес се реализирани вкупно осум обуки посветени на медијацијата, на кои учерсвувале 129 судии, обвинители, претставници на Комирата на медијатори и на други релевантни институции во оваа сфетрра.

Јан ван Цвитен, претседател на Холандската федерација на медијатори, информира дека Холандија е на прво место во Европа по користење на медијацијата. Има 3000 професионални медијатори и повеќе од еден милион неформални медијации, информира тој, додавајќи оти во Холандија не постои обврска да се пријави случајот на медијацијата. Се бара само од медијаторите да се пријават бројот на случаите, а има околу 200 илјади официјални медијации годишно, најголем во семејното право, трудовото, но и во деловната сфера и односите со Владата.

– Потребни ви се најмалку 100 медијатори и да работите повеќе од три години за да може ова добро да функционира. Во Италија и Грција има обврска прво да се проба медијација, а потоа случајот да се упати во судовите, таму тоа не функционира и бројките не се поволни. Во Холандија има дури 90 проценти стапка на успешност. Законот треба да ја поттикне употребата на медијацијата, а не да ја направи задолжителна, рече Цвитен.

Меѓу другото тој смета дека е потребна дисциплинска комисија за медијаторите, а културната матрица, истакна, никогаш не може да служи за оправдување.

Според Славе Младеновски, претседател на Комората на медијатори на Република Северна Македонија, во измените на Законот за медијација, треба да се фокусира на унапредување на концептот на медијација преку измени во делот на испитот на медијаторот, конкретно во постапката на селекција на кандидатите за медијатор, на зачестена употреба на медијацијата од страна на јавните органи, како и промоција на придобивките од медијацијата, прашања кои се и дел од Стратегијата за реформа на правосудниот систем.

–  Медијацијата, која станува паралелен процес на судската постапка, според своето значење и можноста што им ја дава на страните да дојдат до конечно иправилно решение на спорот се уште е недоволно афирмирана и не се препознава кај голем дел од населението во македонското општество, како резултат на непознавањето на правилата на медијацијата од мнозинството граѓани. Страните во спорот кои се определиле за медијација, очекуваат од медијаторот да се однесува како судија, правен консултант, судија или како арбитар. Оние што се информирани за процесот на медијација, знаат дека не е идентична со судската постапка и можат да бидат скептични поради тоа што немаат доволно лично искуство и не ги увидуваат предностите во оваа постапка, што ја имаат како можност во решавање на спорот, рече Младеновски.

Тој додаде дека е важно медијаторот на самиот почеток да постигне намалување на скептичнсота, недовербата или погрешна претстава на медијацијата како постапка од една страна и затоа е важно граѓаните да бидат претходно запознаени со медијацијата, со што значително се подигнува нивото на соработка меѓу секоја страна, со медијаторот од друга страна. Праксата покажува, потенцира Малденовски, дека стекнатото ново сознание кај граѓаните што биле во медијација им ги отвора перспективите за во иднина оти спорот може да се реши и оти покрај тоа што не постигнале спогодба со страната во спор, ја сослушале нивната вистина и нема никакви последици што се обиделе со медијација.

Марко Андонов, претседател на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на медијацијата во Северна Македонија, чија надлежност генерално е издавање лиценци на медијаторите, меѓу другото нагласи дека согласно искуството во изминатите три години потребно е да се размислува ова тело да добие посебен правен субјективитет, посебен буџет и евентуално да се формира мала стручна служба, што би дава административно – техничка поддршка во работењето на Одборот. 

Поврзани содржини