ПРОЛЕТНО БУДЕЊЕ Со велосипед од Скопје до Лешочкиот манастир (ГАЛЕРИЈА)

Иако за љубителите на спортот, не постои никаква пречка, кога станува збор за годишно време, сепак повеќето со нетрпение ја очекуваат пролетта за повторно да се вратат или да ги започнат спортските активности.

872

Пролетта веќе стигна во нашите животи, а тоа е едно од најубавите годишни времиња. Сончевите денови пристигнуваат, насмевките и доброто расположение сè почесто ќе бидат присутни, бидејќи природата повторно се буди од зимскиот сон. Многумина сметаат дека во овој период најмногу се јавува потребата за прошетки, патувања, спортување, затоа што зад нас ги оставаме мрачните и студени денови кои луѓето ги затвараат во домовите.

Иако за љубителите на спортот не постои никаква пречка, кога станува збор за годишно време, сепак повеќето со нетрпение ја очекуваат пролетта за повторно да се вратат или да ги започнат спортските активности.






Па така во неделата, кога и официјално започна пролетта, здружението за друмски и планински велосипедизам „Macedonian Bike Riders“ организираше рекреативна велосипедска тура до Лешочкиот манастир. Оваа тура беше за сите оние кои ја започнуваат (стартуваат) велосипедската 2022 година, па поради тоа се возеше со умерено бавно темпо, со почести паузи и со кратки одмори.

Стандардно, како што е веќе познато, некаде пред 9 часот, група од 30-тина велосипедисти се собраа пред Универзалната сала од каде што тргна до второто збирно место, а тоа е бензинската во Ѓорче Петров пред мостот за влезот во Сарај. Иако утрината времето беше малку посвежо, сепак пролетното сонце најавуваше дека ќе биде убав ден за возење велосипед.

Претседателот на здружението, Горан Богоевски, откако се комплетираше групата, уште еднаш ги повтори правилата на движење, тој потенцираше дека сите учесници задолжително мораат да ги стават кацигите, да држат растојание помеѓу секој велосипедист, групата да се движи во колона по еден, затоа како што кажа тој, безбедноста е на прво место, бидејќи најважно е сите учесници да се вратат живи и здрави дома.

Потоа и официјално започна турата, која од Сарај се движеше по стариот пат за Тетово, преку Карпалак, Групчин, до Желино и оттаму кон Палатица, Озормиште и се до селото Лешок. Како што и беше најавено, групата се движеше со побавно темпо од претходно, затоа што меѓу велосипедистите имаше и такви кои паузирале за време на зимските месеци, па им е потребно време да се вратат во форма.

– Многу се радувам на пролетта, затоа што конечно можеме да возиме велосипед без да бидеме премногу наоблечени. Башка, природата се буди, се менува сè, почнува се да раззеленува, денот станува подолг, па можеме и преку недела да возиме велосипед – ни рече Марија, која со ова здружение возеше и во текот на зимските месеци.

Групата пристигна во Лешочкиот манастир каде што беше планирано и подолга пауза за дружење меѓу велосипедистите. Времето беше токму пролетно. Убава природа со многу зеленило и што е најважно со многу сонце.

– Веднаш кај сите се чувствува позитивна енергија, мислам дека потоплото време и сонцето си го прават своето. Возењето велосипед, покрај што е добро за нашето здравје, ни овозможува да посетиме убави места во нашата земја, но на поинаков начин. Друго е да се дојде со автомобил тука, а друго со велосипед. Мислам дека секој од нас треба да се занимава со некаков спорт, затоа што тоа е добро за нашето здравје, а јас се одлучив токму за велосипедот. Со ова здружение запознав нови пријатели со кои се дружиме секоја недела, затоа што тука не се збори за ништо друго, освен за убавите места кои ги посетуваме – вели Мими која до пред извесно време велосипедот го користела само како превозно средство до работното место.

По речиси час и половина уживање во сончевите зраци, кафе-муабетите, групата на велосипедисти ја поврати силата и тргна полека да се враќа кон Скопје. Како и секојпат, турите организирани од „Macedonian Bike Riders“, маршрутата се движеше преку Јегуновце, Радуша, Кондово и назад во Скопје.

– Прекрасно искористен ден. Сè беше перфектно, убава тура, времето не послужи како што треба, немам зборови за дружењето и луѓето. Токму како што претпоставував и очекував, иако ми беше малку потешко поради тоа што паузирав за време на зимските месеци, имам загубено од кондицијата, сепак мораше повторно да се почне. Со нетрпение очекувам недела повторно да дојде, а уште повеќе турата која ќе се вози – ни рече Михаил.

Со пристигнувањето во Скопје, полека групата почнуваше да се разретчува, секој заминуваше по патот кон својот дом, но поздравот беше ист, фала дечки за дружењето, се гледаме во недела.

Поврзани содржини