Професорке Малеска, ви предлагам заедно да го поддржиме Ковачевски во уште еден обид за подобрување на Преговарачката рамка!

Моето скромно мислење е дека премиерот Димитар Ковачевски мора уште еднаш да се потруди да ги убеди бриселските бирократи дека Македонија ги прифаќа и принципите на добрососедство и договорите што ги гарантираат, но сепак не може да прифати материјалната расправа за имплементацијата на тие договори да биде предмет на оценување во некаков формален формат поврзан со Преговарачката рамка, згора и на годишно ниво, бидејќи тоа само ќе ја охрабрува Бугарија да продолжи со уцените и со блокадите.

12,784

Професорката Мирјана Малеска, која искрено ја почитувам, на Фејсбук напиша пост со наслов Протоколот!, со следнава содржина:

„Некој протокол, поим немам кој протокол и што протокол, стана бауч во јавната дебата. Да сме го виделе протоколот, го кријат протоколот, во протоколот лежи зајакот, нè лажат за протоколот, како секогаш за сѐ, пак ќе бидеме жртва (на протоколот) итн.






Министерот Османи даде изјава дека протоколите (ги имало два), не се дел од Рамката, ама ние во принцип не ѝ веруваме на власта, не веруваме на ЕУ, не им веруваме на САД.

(…)

Конечно БГНЕС го објави протоколот, со вовед дека е дел од Рамката.

Е сега се збунив. Ги читам трите документи од ЕУ, кои го сочинуваат т.н. француски предлог, на англиски и на македонски, објавени на страната на владата, го читам протоколот објавен во БГНЕС и гледам со свои очи дека во таа форма протоколот го нема во Рамката?

Која и да е вистината, нема да избегнеме преиспитување на историјата и не ќе бидеме први и единствени. Не гледам зошто тоа толку нè плаши? Имаме што да кажеме и имаме општо профатени аргументи. Фундаменталниот е оној кој го формулира како принцип историчарот Хобсбаум: дали се формирала нација со сите обележја, се оценува aposteriori. Ако си формирал држава, значи на тоа претходел процес на свесност за посебноста и врз таа основа, национално-ослободително движење.

Не сакаме тоа да биде насилнички, со диктат!!! ОК така е, не сакам ни јас, но во меѓународната политика многу често, може најчесто има диктат и што вели драгиот проф. Чепреганов во последното интервју со Васко Ефтов, како мала нација која плива во меѓународни води со китови, треба да има ‘атомски ум’ – образование, знаење, способност за прилагодување и правење компромиси, како во ‘мајката природа’, за да ги надмине пречките.

Ќе си дозволам тука да го прокоментирам ова гледиште и како што тоа обично бива во полемиките, на професорката ќе ѝ се обратам директно, со надеж дека тоа нема да биде разбрано како непристоен тон на полемиката или непотребно интимизирање.

Значи…

Драга професорке Малеска, протоколите се важна работа. Во нив, согласно членот 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија, се оценува напредокот во имплементацијата на договореното и посебно достигнувањата во комисијата за историските прашања. Протоколите ги потпишуваат министрите за надворешни работи на двете земји.

Она што вие сте го виделе објавено од агенцијата БГНЕСС е првиот протокол од 2019 година. Јас го немам видено вториот протокол објавен во целина, иако, за волја на вистината, и од прва рака имам некои информации за него (значи, не само од бугарски извори).

Првиот протокол го имам во оригинал на бугарски јазик, можам да ви го испратам. На крајот на тој документ се напишани и договорените историски наративи за т.н. заедничка историја. Вие сте научник, а не поетеса, па треба да ги прочитате тие наративи за да сфатите каква глупост се прави, од методолошки аспект. Наративот за цар Самоил, на пример, е напишан со прифаќање на спорни хипотези на историчарите како научни вистини.

Врз основа на овие наративи од протоколите, ќе се менуваат учебниците во Македонија (според некои нерални очекувања – и во Бугарија), а ако тие измени не ѝ се допаднат на Софија, како што точно објасни претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ21, веднаш следи бугарско вето. Дури и Борјан Јовановски, кој го водеше интервјуто, на ова му реплицираше на Пендаровски: Па вие го кажувате истото што и опозицијата!.

Услов да се закаже меѓувладината конференција е министерот Бујар Османи да го потпише вториот протокол. Е до толку на Бугарија и на Франција им е важен тој документ. Во него, меѓу другото, ќе биде запишано – и од Османи потпишано! – како ќе бидат ставени Бугарите во Уставот, со која формулација и во кои делови од конститутивниот акт.

Драга професорке Малеска, велите дека во Преговарачката рамка не гледате никакви протоколи. Тоа е така зашто протоколите се заменети со фразата годишни прегледи. Во врска со истиот член 12 од Договорот, нормално. С’што като исто!

Врз основа на тие прегледи ќе се оценува напредокот на Македонија во имплементацијата на Договорот. А тоа значи во реализацијата на бугарските барања, бидејќи ние немаме никакви барања кон Софија, зашто сме мали, нејаки, мирни, фини, спремни на секакви компромиси итн.

Е сега доаѓа кваката. Тој напредок, што ќе се регистрира на годишно ниво во тие прегледи, ќе биде од суштинска важност за отворањето на кое било од поглавјата и така за преговорите со ЕУ во целина. Ова го има таму во документите што сте ги прочитале и не е можно да не сте го забележале.

Накратко, билатералниот спор со Бугарија, историските прашања и софиските уцени стануваат дел од преговарачкиот процес меѓу Македонија е ЕУ. Тука е маката. Тоа е крајно неприфатлив преседан, ентиевропски и целосно спротивно на сите досегашни заложби и ветувања и на нашите, но и на европските политичари.

Сè додека материјалната расправа за имплементацијата на Договорот за добрососедство е дел од Преговарачката рамка, сè додека прифаќаме нашиот напредок во имплементацијата на бугарските разбирања на т.н. заедничка историја да бидат оценувани на годишно ниво и да бидат услов за отворање на поглавјата, ние де факто прифаќаме за нашиот идентитет да се преговара во преговарачкиот процес со ЕУ.

Тоа е суштината на проблемот, а не дали ние сме спремни да им веруваме на странците и да правиме компромиси. Македонија досега направи толку понижувачки компромиси, што навистина е нехумано да биде изложена и на ваков жесток притисок. Ние не глумиме жртва, ние објективно сме жртва на непринципиелности кои се спротивни на европските вредности. И тоа сите ни го кажуваат, кога ни велат дека имаат разбирање за нашиот отпор и кога нè убедуваат сепак да ја прифатиме уцената како рационално решение.

Затоа, моето скромно мислење е дека премиерот Димитар Ковачевски мора уште еднаш да се потруди да ги убеди бриселските бирократи дека Македонија ги прифаќа и принципите на добрососедство и договорите што ги гарантираат, но сепак не може да прифати материјалната расправа за имплементацијата на тие договори да биде предмет на оценување во некаков формален формат поврзан со Преговарачката рамка, згора и на годишно ниво, бидејќи тоа само ќе ја охрабрува Бугарија да продолжи со уцените и со блокадите.

Имам чувство дека Димитар Ковачевски е политичар и со обврска, но и со кредибилитет да побара уште едно, посуштинско подобрување на Преговарачката рамка. Очекувам разумните луѓе, меѓу кои ве сметам и вас, драга професорке Малеска, да го поддржат тој негов напор. Се разбира, ако човекот одлучи да ја прифати таа сугестија.

Поврзани содржини