Професоре Бучковски, Ви го одземам правото да преговарате со Бугарија во мое име и во име на мојот народ!

Непријатно и дури и тажно е да се узнае дека нашиот Специјален пратеник во преговорите со Бугарија етногенезата на својата нација ја објаснува како чин на создавање во 1944 година, годината кога на заседанието на АСНОМ е создадена македонската држава, а не нацијата.

31,101

Уважен професоре Владо Бучковски,

Се познаваме долго и Вие многу добро знаете дека никогаш против Вас сум немал ништо лично. Напротив, мислам дека ќе се согласите дека сме имале, а се надевам и дека во иднина ќе имаме, взаемно уважување и почитување.






Сепак, повикувајќи се на моето уставно загарантирано право да го искажам своето лично мислење и на мојот скромен капацитет да артикулирам и дел од јавното мислење на граѓаните на Македонија, си земам слобода јавно да Ви кажам дека Ви го одземам правото во мое име и во име на мојот народ да преговарате со Бугарија!

Или, попрецизно кажано, Ви го замрзнувам тоа право, сѐ додека јавно, тука, во Македонија, во Скопје, во дебата со стручната и со општата јавност, не ги расчистите крајно спорните и опасни тези што ги изнесовте во Вашето последно интервјуто за бугарски медиум, чиј дел е пренесен во твитот објавен на крајот на овој текст.

Ова се моите причини за тешката одлука што ја донесов:

1Новинарот јасно и прецизно Ве прашува: „Кажете ми, реалистично ли е во Скопје да ја прифатат тезата дека некогаш ние сме биле заеднички народ кој се самоопределил како бугарски?“ Да повторам, прашањето е многу едноставно и прецизно. Од Вашата подолга експликација, професоре Бучковски, за почеток ја издвојувам следната реченица: „Тврдењето дека ние, всушност, сме еден народ во две држави, во овој момент, во Република Македонија, ако се тера таа теза, ќе направи повеќе штета отколку корист“.

Од долгогодишен професор и политичар, од добар познавач на историјата, а сега и Специјален пратеник на премиерот Зоран Заев за преговорите со Бугарија, очекував многу појасен и попрецизен одговор. Но, Вашиот одговор, професоре, е сомнително нејасен. Вие велите дека тезата „еден народ – две држави“, ако се терала, „во овој момент“ ќе направела повеќе штета отколку корист.

Во овој момент?! Како тоа – во овој момент?! Кога ќе биде погодниот момент да се тера таа теза? Ќе има таков момент? Вие ја прифаќате теата „еден народ – две држави“?

Да не го слушнев продолжението на Вашиот исказ, уважен професоре, ќе мислев дека станува збор за лапсус. Но, целината на Вашиот исказ, за жал, открива еден фатален факт, преку кој јас, едноставно, не можам да поминам.

2Би можел да се согласам со Вашата убеденост, господине Бучковски, дека е „неспорно“ дека ние и Бугарите и Македонците имаме “заедничка историја“, иако на сите ни стана јасно дека таа фраза различно се разбира во Скопје и во Софија. Како и Вие, така и јас, не спорам со фактот дека бугарската држава е постара од македонската. Но, Вие во ова интервју велите дека „бугарскиот нација-народ е создаден пред македонскиот“ и дека „официјална Софија нема проблем со создавањето на македонската нација во 1944 година“.

Уфффф… Со спортски речник, ова се вика – статива!

На што мислите кога велите дека бугарскиот народ-нација е „создаден“ пред македонскиот? Од кого е „создаден“? Како? Вие повикувате на напуштање на комунистичката историографијата, а самите оперирате со категории од таа иста историографија, која од бугарска страна, на пример, вели дека македонскиот народ-нација е создаден „од Коминтерната“ или „од Тито“. Простете ми на незнаењето, но живо ме интересира кога го лоцирате моментот на „создавањето“ на бугарската народ-нација, како и целата таа приказна!

Вие, господине Специјален пратеник, тврдите дека македонската нација е „создадена“ во 1944 година и уште и се радувате што Софија немала проблем со тоа. Како професор кој треба да има најмалку основни познавања од историјата, очекував да објасните дека во 1944 година (всушност, реално, една година пред тоа, но да не се оптоваруваме сега со небитни нијасни) е создадена македонската држава. Не нацијата, државата ни е создадена на историското заседание на АСНОМ во 1944 година!

Создавањето на народите-нациите е долг процес на историски развој, кој се нарекува етногенеза и може да се проследи врз основа на археолошки, историски, лингвистички, културолошки и други податоци. Непријатно и дури и тажно е да се узнае дека нашиот Специјален пратеник во преговорите со Бугарија не располага со никакви податоци за етногенезата на својата нација пред 1944 година и е убеден дека нацијата чиј припадник е и самиот се „создала“ токму во таа година. Онака, од ништо. Така барем се разбира од Вашиот исказ за бугарскиот медиум, уважен професоре.

Тоа не само што е е блиску до тезите на бугарската комунистичката историографија, тоа Ваше тврдење, професоре, е идентично со тие тези, имено со тврдењето дека македонска нација е вештачка творба, создадена од Коминтерната и од Тито (патем речено, сигурно знаете дека Коминтерната се изјаснила за македонско национално прашање во 1934 година, десет години пред АВНОЈ и АСНОМ).

3Професоре Бучковски, во интервјуто велите: „Од 1944-та до 91-ва силната пропаганда која беше на дело ги оддалечи природните сојузници, Македонците и Бугарите“. Јас, а и сите ние во Македонија, навистина би сакале да знаеме на каква и на чија пропаганда мислите. Во тој поглед, некои од нас имаат многу различно мислење со мислењето на премиерот Зоран Заев, кој Ве назначи за Специјален пратеник, а кој во интервју за бугарски медиум вината за „оддалечувањето на природните сојузници“ (Бугарите и Македонците), како што велите вие, ја префрла на Југославија. Можеби Вие малку подобро ја познавате историјата од премиерот Заев, па би можеле да ни објасните за што станува збор.

Од Вашиот исказ гледам дека Вие повторно имате проблем со годините, бидејќи тврдите дека таа пропаганда траела од 1944 година до 1991 година. Како можело, во екот на таа пропаганда, на 7 октомври 1946 година, со голема свеченост и со највисоки почести, од Софија да бидат испратени посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје? Како можело да се случи при пописот во Бугарија во 1956 година, во регионот кој „пропагандата“ со децении го нарекуваше „Пиринска Македонија“, од вкупно 281.015 жители, како Македонци да се изјаснат 178.862, или 63 отсто од целокупното население во овој крај?

Јас навистина искрено се согласувам дека е многу потребно во овој историски момент, во име на воспоставување на мостови на пријателство и добрососедство, историчарите, политичарите, па и новинарите од Скопје и од Софија да престанат со кавгите и да им овозможат на преговарачките тимови да дојдат до взаемно прифатливи компромиси. Но, да се разбереме јасно – тие компромиси не смеат да бидат насочени кон загрозување на идентитетот на македонската нација и кон оспорување на нејзината етногенеза. Никој во Македонија нема овластување за такво нешто!

Се создава впечаток дека Вие, уважен професоре Бучковски, покажувате спремност да ги прифатите клучните софиски тези што директно водат кон оспорување на самобитноста на Македонците и на Македонија. Така, со уцени и негирања, не се гради добрососедство. Ние веќе три децении имаме взаемно разбирање и почитување со нашите соседи во Бугарија, кои ги нарекуваме и браќа. Имаме почит и за поддршката на Бугарија во процесот на осамостојување на нашата татковина и за нашите евроатлантски аспирации. Но, тоа сепак не значи дека се согласуваме да се откажеме од нашиот идентитет како Македонци.

Сосема на крајот, ќе повторам нешто што го загатнав на почетокот. Иако Вашиот исказ го слушнавме, почитуван Специјален пратеник, ја допуштам можноста да сте имале лош ден, да сте биле премногу фасцинирани од ролјата на „помирувач“ или мислител со малцинска поддршка (во дел од исказот зборувате и за тоа). Прифаќам дека сето тоа можело да се одрази врз начинот на кој сте ги артикулирале Вашите ставови. Затоа, Ве повикувам пред македонската јавност отворено, јасно и прецизно да ги дообјасните Вашите ставови за создавањето на македонската нација, за природата на заедништвото на македонската и на бугарската историја, а бездруго и за прашањето на македонскиот јазик.

Повелете, огласете се со еден текст, во кој ќе се произнесете за овие клучни прашања, во било кој медиум во Македонија, или, ако Ви е попријатно, во Бугарија. Порталот Плусинфо Ви стои на располагање!

ПС. Претпоставувам дека не е нужно јавно да објаснувам дека мојата одлука соопштена во насловот на овој текст, нема никакво правно или политичко, туку само симболично значење. Ќе ја сметав оваа додавка во пост скриптум ненужна, но гледам дека веќе се создава атмосфера на хајка против сите коишто од различни побуди не се согласуваат со начинот на кој властите во Македонија се обидуваат и (нормално) не успеваат да ги решат отворените прашања со соседна Бугарија. Па си реков, ај да го кажам и она што не обично не мора да се кажува…

ИСПРАВКА Интервјуто на г-н Бучковски е дадено за Телевизија Европа, а не за агенцијата БГНЕС, како што беше претходно напишано. Извинување за ненамерниот превид до него и до двата медиума. Интервјуто може да го проследите на овој ЛИНК.

Поврзани содржини