ПРОЕКТОТ ЗА ОТПАДНИ ВОДИ ВО БИТОЛА Е ЗАГЛАВЕН ПОВЕЌЕ ОД 10 ГОДИНИ Ќе се изгубат ли парите од ЕУ ако набрзо не се потпише договорот?
Зошто проектот е чекор назад иако се очекуваше веќе да биде потпишан договорот, а колекторскиот систем и канализационата мрежа да се градат?
Повеќе од една деценија, проектот за решавање на проблемот со отпадните води во Битола останува недовршен и често се користи како предизборно ветување. Градот и натаму ги испушта сите отпадни води директно во реката Драгор, која со години е високо загадена. Решението се гледа во големиот инфраструктурен проект за пречистителна станица, колекторски систем и нова канализациона мрежа, финансиран со европски средства. Но досегашното темпо покажува дека проектот не е меѓу приоритетите.
Едниот дел од проектот ја опфаќа изградбата на пречистителната станица, а другиот дел од проектот е посветен на колекторскиот систем и канализационата мрежа, но тие се соочија со неуспешни јавни повици во минатото. Надеж дека има напредок се појави летово по информацијата дека е потпишан договор со конзорциум за изградба на пречистителната станица. Сепак, она што недостасува е договорот за изградба на колекторскиот систем и канализационата мрежа преку која отпадните води ќе стигнат до пречистителната станица. Од друга страна, за целосно да биде функционален проектот за третман на отпадните води, во документите на надлежните институции се посочува двата дела од проектот да се градат паралелно.
Зошто проектот е чекор назад иако се очекуваше веќе да биде потпишан договорот, а колекторскиот систем и канализационата мрежа да се градат? Во услови кога беше прекината, па повторно објавена тендерската постапка, во одговор на новинарски прашања поврзани со колекторскиот систем и канализационата мрежа од Општина Битола ја префрлија топката до Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Согласно предвидената динамика и договорот за изградба на Пречистителната станица и колекторскиот систем, како и договорот за надзор, изградбата треба да заврши во август 2027 година, по што следува период на поправка на евентуални недостатоци и дефекти во времетраење од една година. Јавната набавка за колекторски систем не е завршена, а за детали околу постапката, информациите ги има Министерството за животна средина“, се вели во одговорот на битолските власти.
Но, веројатно на надлежните не им се брза. Од Министерството за животна средина тврдат дека не постои ризик средства од фондовите на ЕУ да останат неискористени и да бидат повлечени назад ако проектот наскоро не започне да се реализира. И покрај фактот дека овој проект се одолговлекува со години и е со повторени јавни набавки, во Министерството сѐ уште ги оценуваат понудите. За овој проект одамна беше завршена тендерската постапка и се очекуваше само потпис на договорот, за да започне и изградбата.
„Проектот за изградба на канализационата мрежа во Битола (ЛОТ 2) во моментов е во фаза на евалуација на понудите. Се очекува постапката да заврши до 31.10. 2025. Доколку е успешна тендерската постапка, следи потпишување на Договор и отпочнување на работите. Претходната тендерска постапка не беше успешна. Истата е повторена и во моментов евалуацијата е во тек“, се истакнува во одговорот на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во меѓувреме, битолчани, кои будно го следат процесот на реализација на проектот, ќе го очекуваат исходот од тендерската постапка на 31 октомври во надеж дека конечно ќе отпочне решавање на деценискиот проблем.
Екологистите од регионот ќе останат со отворени очи додека траат неизвесностите во врска со проектот за изградба на колекторски систем, канализација и пречистителна станица крај Битола, зашто реката Драгор и натаму ќе служи како депонија за отпадните води. Во оваа река со години се испуштаат фекалиите и индустриските отпадни води од Битола и околните места. Македонија дополнително се очекува да побара и „транзициски период“ од страна на Европската Унија за усогласување со европските практики за управување со отпадните води. Темпото на достигнување на европските стандарди во оваа област е далеку од задоволително, што може да покрене зголемен интерес и кaj партнерите од Брисел кои издвојуват средства за третман на отпадните води во Македонија.