Проекти во образованието и енергетската ефикасност ќе се реализираат со заем од над 46 милиони евра

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, вакви проекти кои имаат силна развојна компонента се од големо значење, особено во услови кога се соочуваме со ефектите на ковид-19 кризата врз економијата.

214

На денешната прес-конференција во Владата беа презентирани двата проекти во вредност од 46,5 милиони долари од Светска банка, а се поврзани со енергетска ефикасност и за унапредување на образованието

Реализирзацијата на двата проекта значајни за економскиот развој на земјата. Станува збор за проекти за енергетска ефикасност во јавниот сектор и за унапредување на основното образование кои се дел од четиригодишната рамка за партнерство со Светска банка, вреден 420 милиони долари.






Договорите за двата проекта се неодамна потпишани. Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор е во вредност од 25 милиони евра, а проектот за унапредување на основното образование е вреден 21,5 милиони евра.

Рокот на отплата на овој заем е 11 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон.

Во рамки на првиот проект ќе се одвојат средства за енергетска ефикасност на јавни објекти како што се општински згради, згради на централна власт и јавно осветлување, како и за техничка помош за формирање на Фонд за енергетска ефикасност и за почетен капитал за Фондот. Средствата наменети за вториот проект ќе бидат насочени кон инвестиции во училишната инфраструктура, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и за реформата за следење и оценување на националниот прогрес во учењето, која има за цел развивање на програма за државно тестирање.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, вакви проекти кои имаат силна развојна компонента се од големо значење, особено во услови кога се соочуваме со ефектите на ковид-19 кризата врз економијата.

– И едниот и другиот проект се во насока на постигнување на СМАРТ-раст или „Попаметен раст“, преку вложување во подобрување на ефикасноста и инвестиции во креирање на додадена вредност преку унапредување на човечките ресурси – истакна Бесими на денешната прес-конференција во Владата.

Најави дека во собраниска процедура се уште два проекта од Рамката за партнертсво со Светска банка. Едниот за модернизација на земјоделството во вредност од 46 милиони евра и дополнителни 37 милиони евра за локални патишта. По усвојување на законите од страна на Собранието, ќе бидат потпишат и овие договори со што ќе се започне нивната имплементација.

Четиригодишната рамка за партнерство со Светска банка е насочена кон креирање конкурентна економија и инклузивен и одржлив раст на земјата. Во изминатите три децении, Светска банка има финансирано проекти во вкупна вредност од над 2,5 милијарди долари.

Директорот на Светска банка во Македонија, Масимилјано Паолучи упати искрени зборови на благодарност кон партнерите во Владата за продуктивната соработка во текот на подготвувањето на овие два проекти.

– Според индексот на СБ за човечки капитал во 2020, децата родени во Македонија, денеска ќе бидат 56 посто продуктивни, отколку што би можеле да бидат, доколку би уживале целосно бразование и целосно здравство. За поддршка на образовните исходи во голема мера го објаснуваат овој губиток во продуктивноста, иако пристапот до образование е подобрен, сепак квалитетот и понатаму е предизвик – вели Паолучи.

Тој посочи дека Македонија има инвестирано околу 160 милиони евра во енергетска ефикасност во изминатата деценија, меѓутоа дополнителни 320 милиони евра се потребни да се остварат целите за енергетската ефикасност и очекува дека тоа ќе биде уште поамбициозно до 2030 година. Остварувањето на овие цели има потреба од одржливи механизми, па поради тоа веруваат дека предложениот фонд кој што е во план, ќе помогне Македонија да ги зголеми инвестициите токму во оваа област.

Паолучи предупреди дека пандемијата со ковид-19, за жал се заканува уште дополнително да ги влоши исходите во основното образование.

– Со тоа што голем дел од учениците не ги совладуваат основните вештини за понатаму во животот подобрување на квалитетот на образованието е императив заедно со надминување на нееднаквоста  и на јазовите помеѓу  учениците од различни социоекономски карактеристики – наведе Паолучи.

Како што нагласи, проектот за подобрување на образованието ќе ја поддржи Владата во спроведување  на сеопфатни реформи како основа за долгорочни  подобрувања и со тоа ќе придонесе за градење модерен , ефикасен, продуктивен систем во Македонија и поконкурентен човечки капитал.

Тој информира дека проектот ќе  соработува директно со основните училишта за унапредување на условите за учење, истовремено, како што потенцира, надоместувајќи ги загубите од учењето што се  генерирани поради пандемијата.

– Ќе ги поддржиме ранливите групи, вклучително и Ромите, како и учениците кои се негативно погодени од кризата со ковид-19. Фокусот на еднаквоста и квалитетот ќе и помогне на Македонија да го подобри својот човечки капитал, да ја подобри продуктивноста на пазарот на трудот и да поттикне поинклузивен пазар на трудот – истакна Паолучи.

Средствата што ги доби државава од СБ за проектот за образованието ќе бидат насочени кон инвестиции во училишната инфраструктура, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и за реформата за следење и оценување на националниот прогрес во учењето, која има за цел развивање на програма за државно тестирање.

Поврзани содржини