Проект на Клиниката за хематологија избран меѓу 38 во светот да биде финансиран за истражување за ковид-19
Проект на Клиниката за хематологија-Скопје предводен од проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис е одобрен да биде финасиран во следните две години од Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија (ICGEB) во Трст, Италија. Избран е во конкуренција од 38 меѓународни поднесоци на научно-истражувачки проекти во областа на ковид-19.
Клиниката соопшти дека се работи за заеднички проект подготвен во соработка со еминентните експерти, акад. д-р Димитар Ефремов, кој раководи со Одделот за молекуларна хематологија во ICGEB, д-р Милена Стефановиќ и д-р Илир Демири од ЈЗУ Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, академик д-р Александар Димовски од Центарот за генетски инженеринг и биотехнологија од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), доц д-р Венко Филипче – Министерство за здравство.
Од Клиниката посочуваат дека ковид-19 е болест која има неколку фази и секоја од нив е со свои специфики и бара различен тип на интервенција. Цели на нивните истражувања се: да се утврди зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со ковид-19 инфекцијата во почетните фази; дали може да се предвиди текот на болеста и дали, евентуално, би можело да се интервенира за да се превенира тежок облик или несакан исход.
– За таа цел ќе испитуваме два сегмента од имуниот систем. Едниот се т.н. природни антитела, тоа се вид антитела кои се во состојба да неутрализираат различни вируси и кои имуниот систем ги произведува независно од претходни инфекции или вакцинации, а вториот сегмент се цитотоксичните Т лимфоцити. Очекуваме резултатите од спроведените анализи да имаат улога во добивање подлабока слика за имунолошкиот одговор на секој од пациентите со ковид-19 поединечно, со што би било можно и дизајнирање индивудализиран тераписки пристап за секој пациент – информира Клиниката за хематологија.
Во соопштението Клиниката додава дека овој меѓународно поддржан проект ни дава шанса да се вклучиме во глобалната научна борба за справување со пандемијата КОВИД-19 и покажува дека во мала земја како нашата е препознат потенцијал за научно-истражувачка работа.