ПРОДУКТОВОДОТ СКОПЈЕ – СОЛУН МОЖЕ ДА ПРЕНЕСУВА ГОРИВА Завршија техничките контроли на цевководот и на мерниот систем
Продуктоводот е пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта. По 2013 година на него се инвестираше за да се пренамени за транспорт на дизел гориво.
Заврши техничката контрола и верификацијата на мерниот систем на продуктоводот Скопје-Солун низ кој треба да се пренесуваат горива од солунската рафинерија до Окта.
Со ова, продуктоводот по 13 години повторно може да работи, со што се овозможува сигурност во снабдувањето со нафтени деривати и модернизација на енергетската инфраструктура.
Проверката беше спроведена од страна на Бирото за метрологија, со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, а во присуство и на претсавници од царинската служба.
„Заедно со овластените и стручни лица од Бирото, тие ја проверуваа исправноста и метролошките карактеристики на системот, со цел да се потврди дека мерната опрема функционира прецизно, сигурно и согласно највисоките стандарди3, информира министерството за енергетика и рударство.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која присуствуваше на завршната техничка контрола изјави дека техничката исправност и точноста на мерењето се клучни предуслови за безбедно и транспарентно функционирање на енергетската инфраструктура.
– Ова е значаен чекор кон воспоставување сигурен и модерен систем за снабдување со деривати. Прецизното мерење, контролата и меѓународната верификација значат доверба, стабилност и долгорочна енергетска сигурност за државата -рече Божиновска.
Продуктоводот е пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта. По 2013 година на него се инвестираше за да се пренамени за транспорт на дизел гориво.
Станува збор за систем во должина од 213,5 километри.
Тој располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 м³ во Грција и 30.000 м³ во Северна Македонија, како и современ SCADA систем за следење на притисок, температура и проток во реално време, што гарантира долгорочна сигурност и ефикасност.
Продуктоводот доби лиценца за работа од надлежните органи во 2023 година. Со него стопанисува компанијата VARDAX, подружница на EL.P.ET Balkaniki S.A..