ПРОДОЛЖУВААТ МАСОВНИТЕ РУСКИ НАПАДИ ВРЗ УКРАИНСКИ ГРАДОВИ На удар Одеса, Доњецк, Киев, има мртви и ранети

Русија ги повика странските државјани, вклучително и дипломатите, „што е можно побрзо“ да го напуштат Киев, а Украина апелира до сојузниците „да не попуштаат пред руските уцени“.

0

Најмалку едно лице загина, а 15 други се повредени во масовни руски воздушни напади во Украина, соопштија синоќа украинските власти. Во пристанишниот град Одеса, инфраструктурен објект бил уништен од гранатирање, напиша на Телеграм шефот на локалната воена администрација Серхи Лисак. Тој подоцна изјави дека едно од четирите лица повредени во нападот починало.

Во регионот на Доњецк, синоќа се повредени 12 лица во Краматорск, кога наведувани воздушни бомби го погодија градот, напиша гувернерот Вадим Филашкин на Телеграм. Меѓу повредените има и осумгодишно момче, соопшти Филашкин.






Локалните власти наведоа дека ова бил трет голем напад врз Краматорск во текот на тој ден, пренесе ДПА.

Во руските напади врз украинскиот главен град Киев во неделата беа убиени најмалку две, а повредено 91 лице. Оштетени беа околу 300 објекти, меѓу кои и новоотворениот Музеј посветен на катастрофата во Чернобил.

Москва соопшти дека нападите се одговор на украинскиот напад врз објект во Луганската област, додека Киев тврди дека нападот брз ивршен врз команден центар за дронови.

Руското Министерство за надворешни работи ги повика странските државјани, вклучително и дипломатите, „што е можно побрзо“ да го напуштат Киев.

Украинскиот министер за надворешни работи, Андри Сибига, ги повика сојузниците на Украина „да не попуштаат пред руските уцени“.

Сибига изјави дека Русија ја ескалира војната и ги исмева сите мировни напори, додавајќи дека одговорот на меѓународната заедница треба да биде „пропорционален и силен“, со дополнителни пакети воена помош и ракети за Украина.

Претставничката на Мисијата на Европската Унија во Киев изјави дека руските предупредувања имаат цел да создадат паника, додавајќи: „ЕУ не оди никаде. Остануваме во Киев. Остануваме со Украина“.

Над 70 странски дипломати го посетија најоштетениот кварт Лукјанивка за да им оддадат почит на жртвите.

Поврзани содржини