ПРОДОЛЖУВА КРИЗНАТА СОСТОЈБА ЗА НАФТА И НАФТЕНИ ДЕРИВАТИ Собранието усвои продолжување до 20 октомври

Целта е да се обезбеди правна основа за брза и ефикасна реакција, да се зачува стабилноста во снабдувањето и да се ублажат евентуалните последици врз граѓаните и стопанството, објаснија претставници на Владата.

69

Собранието со 88 гласа „за“, без ниту еден „против“ и „воздржан“, ја донесе Одлуката за продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври, пренесе МИА.

Владата претходно, на седницата од 17 јули, одлучи да побара продолжување на кризната состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Со новата одлука, мерките ќе важат од 21 јули до 20 октомври, со цел институциите да можат навремено да реагираат доколку дојде до прекин во снабдувањето или значителни ценовни шокови на светските пазари.






Од Владата истакнуваат дека целта е да се обезбеди правна основа за брза и ефикасна реакција, да се зачува стабилноста во снабдувањето и да се ублажат евентуалните последици врз граѓаните и стопанството.

Пред почетокот на седницата, пратениците од албанските опозициски партии побараа точката за продолжување на кризната состојба да биде разгледувана на посебна седница, тврдејќи дека актуелната е свикана спротивно на Деловникот. Тие обвинија дека власта се обидува да ги протурка и законите за високото образование по скратена постапка.

Пратеникот Елми Азири оцени дека не може „под превезот на кризна состојба“ да се носат други законски решенија, додека координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, побара точката да се повлече и да се свика посебна седница.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, одговори дека продолжувањето на кризната состојба е неопходно за да не се загрози снабдувањето со нафта и нафтени деривати и предупреди дека евентуалното одложување би можело да предизвика негативни последици за граѓаните, стопанството и енергетската стабилност на државата.

По координација меѓу пратеничките групи беше постигнат договор законите за високото образование да не се разгледуваат на оваа седница.

Во рамки на 115. седница, Собранието ја утврди и потребата по скратена постапка да се донесат измени на законите за автокампови, енергетика, меѓународна и привремена заштита и супервизија на осигурувањето, кои ќе бидат разгледани во матичните комисии.

Поврзани содржини