ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО ЗА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ НА СПОРТСКИ ВАУЧЕРИ Одбраната смета дека вештачењето е парцијално
Освен eкс-директорките на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски, меѓу обвинетите се и претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски, како и Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.
Со вкрстени прашања на одбраната денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжи судењето за предметот што се однесува на злоупотребите со државните спортски ваучери, во кој се обвинети 12 лица, меѓу кои и поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски.
На денешното судско рочиште беше испитувано економско вешто лице, чиј наод и мислење е дел од доказната постапка.
На прашање на одбраната дали согласно неговиот наод, може да се утврди поединечната улога на обвинетите во процесот на евалуација на барањата на спортските федерации, вештото лице рече дека се согласува и дека тоа го нема направено, бидејќи не било предмет на анализа на издадената наредба, посочувајќи дека во Законот за спортот е наведена Централната комисија, но не и поединечните членови.
На дополнително прашање дали лицата што не учествувале во евалуацијата можеле да влијаат врз работата и одлуките на комисијата, јавниот обвинител приговори дека прашањето не било предмет на анализа на вештакот, по што судот го прифати приговорот.
Во текот на испитувањето, вештото лице потврди дека не анализирало дали спортските друштва оствариле добивка во деловната година, ниту колку од издадените ваучери се реализирани. На прашањето дали навистина не можело да се утврди износот на реализираните ваучери, тој рече дека не се согласува со ваквата констатација, бидејќи „износот, односно штетата на издадените ваучери е утврден во самиот предмет”.
– Прашањето се состои од повеќе потпрашања. Не можам да се согласам со вашата ваква констатација. За ваучерите кои се издадени врз основа на барања по кои е утврден наод во ова вештачење, како и за износот на така издадените ваучери е утврдена штета во овој предмет. Штетата не само што детално е елаборирана и табеларно прикажана, туку и неколку пати е детално објаснета во мојот исказ пред овој суд – рече вештото лице.
На забелешката на одбраната дека анализата е парцијална и дека на тој начин не може да се даде целосна слика за економско-финансиската штета, вештото лице категорично одговори дека во целост не се согласува со ваквото тврдење, бидејќи, како што рече, има направено целосна анализа на сите неопходни и потребни докази во предметот, истакнувајќи дека тоа го има наведено во вештачењето.
На прашање во врска со експертизата на вештакот и негово познавање на спортската регулатива, тој рече дека е економски вештак од областа на материјално, сметководствено и финансиско работење, но не е спортски работник, ниту експерт од областа на спортот.
На прашањето зошто во анализата не се опфатени надлежностите на Советот за спорт и постапките на комисиите при федерациите, тој одговори „ова што го барате не беше предмет на анализа во издадената наредба, јас анализирав барања, а не апликации”.
Вештото лице, исто така, потврди дека не го известило обвинетото лице за кое се вршело вештачење, наведувајќи дека причината зошто лицето не било известено е дека не било наведено во наредбата што ја добил, но, како што рече, лицето досега имало можност да го контактира и да му достави сѐ што сметал дека е неопходно.
На почетокот од годинава, судската постапка започна од почеток поради промена на Судечкиот совет, откако судијката Џенета Бектовиќ која го водеше предметот беше избрана за член на Судскиот совет, додека нов претседавач на Советот стана судијката Фросина Стојаноска.
Претходно, бранителот на обвинетиот Каевски, адвокат Петре Шилегов, поднесе барање за прекин на постапката или обвинителството да го повлече обвинителниот акт повикувајќи се на измените во Законот за спорт, со кои, според него, е укинат членот што бил правна основа за наводните злоупотреби со ваучерите.
Според обвинителството, измените во Законот не претставуваат декриминализација на делото, бидејќи суштината на кривичното дело „злоупотреба на службената положба“ се однесува на дејствието на извршување, а не на конкретен член од материјалниот закон.
Обвинителката Лидија Раичевиќ претходно посочи дека доказите веќе се доставени и дека нема правен основ постапката да биде запрена, нагласувајќи дека станува збор за сериозен предмет кој треба да продолжи во редовна судска процедура.
Случајот, познат во јавноста како „спортски ваучери“, се однесува на наводни злоупотреби при распределбата на финансиски средства преку државната програма за поддршка на спортот.
Освен Каевски и Мојсовски, меѓу обвинетите се и претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски, како и Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски. Тие се товарат за кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“, а на првото рочиште во јануари сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.