ПРОДАВАЛЕ „БЛАГОСЛОВЕНИ“ ТЕГЛИ СО БИБЛИСКИ СТИХОВИ Велешка двојка е под истрага за измама

Претставник на Струмичката епископија известил полицијата дека од почетокот на годината на социјалната мрежа Фејсбук била активна фан-страница под името „Библиска Македонија“. Според пријавата, на оваа страница се објавувале религиозни содржини и извадоци од беседи на владиката Јаков, иако немала никаква официјална врска со црквата ниту била одобрена од неа.

1,221

Полицијата приведе маж од Велес и отвори постапка против него и неговата сопруга поради сомнение дека преку лажна фан-страница на социјалните мрежи продавале мали тегли со библиски стихови и книги, претставувајќи ги како благословени од владиката Јаков на МПЦ – ОА.

Како што информираа од МВР, на 20 мај 2025 година, во СВР Струмица, претставник од Струмичката епископија пријавил дека од почетокот на годината до денот на пријавата на Фејсбук била активна фан-страница со назив „Библиска Македонија“. На страницата се објавувале религиозни содржини, пораки и исечоци од беседи на владиката Јаков, но без одобрение или официјална врска со црквата.






Покрај тоа, на истата страница започнала продажба на мали тегли со по 31 библиски стих, кои, според објавите и комуникацијата со купувачите, наводно биле чувани во манастирот во Ново Село и благословени од владиката. Истите производи биле претставувани како да се со негов благослов, а парите од продажбата – како донации за топол оброк за бездомници.

„На овој начин, граѓаните биле доведувани во заблуда да купуваат производи, уверени дека делуваат хумано и духовно поткрепено“, велат од МВР.

По пријавата, полициски службеници од СВР Струмица започнале истрага, а по добиена судска наредба извршиле претрес во домот на 33-годишниот Д.С. во Велес. При претресот биле пронајдени и одземени 5 тегли со библиски цитати и други предмети, поврзани со случајот. Д.С. бил лишен од слобода и со него бил извршен службен разговор.

Следниот ден, на 21 мај, во СВР Велес била повикана и 27-годишната Р.С., сопруга на осомничениот, со која исто така бил извршен разговор.

Со случајот е запознат јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по целосно документирање, против двајцата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Поврзани содржини