Прочистувачи на воздух доби Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Станува збор за донација од компанијата ОКТА преку организирање еко акција за собирање електричен и електронски отпад.
Еколошката активност, што се спроведе во март пред почетокот на кризата предизвикана од коронавирусот имаше за цел да ја подигне свеста за правилно ракување со електричен и електронски отпад, а во исто време да се подобрат условите на хемато-онколошкото одделение при Клиниката, соопштија од компанијата.
Средствата добиени како возврат за собраниот отпад се искористија за набавка на прочистувачите на воздух. Акцијата за селектирање и собирање отпад, ОКТА ја спроведе во координација и соработка со Нула Отпад, овластен колективен постапувач со отпад од електрична и електронска опрема. Оваа активноста се спроведе во согласност со стратегијата за општествена одговорност на компанијата и е дел од заложбите на компанијата за заштита на животната средина и поддршка на заедницата, стои во соопштението.