ПРОБЛЕМОТ СО БУГАРИЈА ЗА ЖЕЛЕЗНИЦАТА БЕШЕ ИНЖЕНЕРСКИ, А НЕ ПОЛИТИЧКИ Николоски најави нов автопат, експресен пат и тунел до границата
Вицепремиерот Александар Николоски најави дека тендерот за делницата од Крива Паланка до границата ќе биде објавен во декември, а Бугарија ќе инвестира 1,2 милијарди евра во својот дел од проектот.
Постигнат е конкретен и цврст договор меѓу Македонија и Бугарија за изградба на заедничкиот тунел од железничката пруга, потврди вечерва во емисијата „Топ Тема“ заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
– Не успеа намерата на поединци во Бугарија да направат политички проблем од инженерски проект. Сега имаме јасен договор, а гарант за тоа се Европската Унија и САД – изјави Николоски.
Тој посочи дека ова не била лесна задача ниту за бугарскиот вицепремиер и министер Караџов, на кого му оддаде признание, бидејќи, како што рече, „сериозни политички структури беа против овој проект“.
Како клучен момент во напредокот на преговорите, Николоски го наведе состанокот во Истанбул, каде што двете страни постигнале целосна согласност околу сите прашања.
– Таму го презентирав проектот што го има изработено Македонски железници за целиот тунел, тие го разгледаа и го прифатија. Јас презедов обврска да ја забрзаме работата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка и да го објавиме тендерот за делот до границата. Очекувам тоа да се случи во декември. Од друга страна, бугарскиот вицепремиер се обврза да инвестира 1,2 милијарди евра, најголем дел за реконструкција на постојната инфраструктура и за делот од Ѓуешево до граница – рече Николоски.
Тој нагласи дека проектот има и геостратешко значење, бидејќи е поддржан од НАТО и САД.
– Овој коридор е важен за снабдување на Украина. Од Бургас до Одеса патувањето со брод е кратко, а железницата овозможува евтин транспорт кој може да се користи и при реконструкција на Украина или при натамошни активности за одбрана – додаде Николоски.
Вицепремиерот истакна дека со Караџов е договорена и изградба на експресен пат и автопат до Деве Баир, што, како што рече, се случува првпат во историјата на односите меѓу двете земји.
– Дополнително, се договоривме да ги споиме Коридорот 10 и бугарскиот Коридор „Струма“. Тоа значи нова експресна врска од Македонија преку Смоквица, Валандово, Струмица и Ново Село. Проектот ќе се финансира со евтини кредити и грантови, за кои веќе има интерес од Европската Унија и Европската инвестициска банка – објасни Николоски.