📽️ ПРОБИЕНА ПЛАНИНА ДОЛГА 22 КИЛОМЕТРИ Кина изгради тунел што ги скратува опасните планински патишта

Тунелот „Тјаншан Шенгли“ е најдолг автопатски тунел во Азија и дел од амбициозната стратегија за поврзување на оддалечените региони.

873

Кина официјално го заврши најдолгиот автопатски тунел во Азија – импресивен коридор долг 22,13 километри, пробиен низ масивните планини во покраината Гуиџоу. Новата делница, со совршено осветлени бетонски ѕидови, веќе се смета за едно од најголемите инженерски достигнувања во регионот.

Тунелот „Тјаншан Шенгли“ не претставува само нов инфраструктурен рекорд, туку и директно решение за долгогодишниот проблем со бавните и опасни планински патишта. Со неговото пуштање во употреба, патувањата што некогаш траеле со часови низ серпентини и длабоки долини, сега ќе се скратат значително.






Еден од инженерите вклучени во проектот ја опиша изградбата како „изведување операција на отворено срце на планина што постојано се движи“, алудирајќи на геолошките предизвици и ризиците при пробивањето низ нестабилниот терен.

Проектот е дел од пошироката стратегија на Кина за интензивно поврзување на оддалечените региони со модерни автопати. Планерите веќе со години ја градат инфраструктурната мрежа како „пајажина“, каде секој нов тунел значи побрза и побезбедна комуникација меѓу градовите.

Иако овој тунел е најдолг во Азија, светскиот рекорд и натаму го држи норвешкиот тунел Лердал, долг 24,5 километри.

Планини, реки и длабоки долини сè помалку претставуваат пречка за кинеските инфраструктурни амбиции. Според познавачите, токму масивните градежни проекти стануваат едно од најсилните оружја на Кина за економски раст и глобално влијание.

Поврзани содржини