МИЦКОСКИ Е ПРОАКТИВЕН! Арсовска вели дека заедно бараат грантови за еко автобуси
Сигурна сум дека ќе постигнеме резултати за доброто на граѓаните, а кога преговорите ќе ги финализираме истите ќе бидат презентирани во јавноста, одговори Арсовска на прашање од Плусинфо.
Градот Скопје е во преговори со компании и со фондови кои обезбедуваат грантови за еко проекти за набавка на еко автобуси. Има компании што се заинтересирани да инвестираат во отворање фабрика за производство на автобуси, одговорија од Град Скопје откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека Градот е во фаза на преговори за набавка на 100 електрични автобуси и за изградба на фабрика за автобуси.
– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбите во Скопје и во комуникацијата за прашања кои се од важност за Скопје и за скопските општини. Сигурна сум дека ќе постигнеме резултати за доброто на граѓаните, а кога преговорите ќе ги финализираме истите ќе бидат презентирани во јавноста – одговори Арсовска на прашање од Плусинфо.
Градоначалничката вели дека во моментов се врши дополнителна анализа за обезбедување ресурси и кога ќе имаат целосен и конкретен план ќе го презентираат во јавноста.
– Градот е презадолжен за лошо планирани проекти, а во моментов ги решаваме сите спорни прашања со проектите кои се започнати и во кои не биле соодветно планирани сите фази за реализација од претходното раководство – додава Арсовска.
Од СДСМ денеска побараа градоначалничката да одговори во кое својство и во чие име Мицкоски изјавува дека преговара за набавка на нови автобуси за Град Скопје.
„Како преговарал Мицкоски за оваа набавка со пари на скопјани? Како Јанушев и Груевски со кинеските автобуси? Или како Гордана Јанкулоска и Груевски за набавката на „она на М“? За сите овие криминални и корупциски набавки има предмети пред судовите. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се најголемо разочарување за граѓаните и за општините и не работат ништо, Мицкоски и 100 пати да прави скапи отчети не може да го скрие овој факт“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ова одговорија дека е жално што СДСМ е против набавка на најмалку 100 електрични автобуси, преполовена загаденост на воздухот во Скопје и фабрика со 500 нови вработувања.
„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најавува проекти меѓу кои за мега набавка на најмалку 100 електрични автобуси како човек кој ја доби мнозинската поддршка од народот на последните избори и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ која држи до зборот и до ветеното. Ја разбираме нервозата на СДСМ која целата енергија, кога веќе има целосно отсуство на работа во институциите под нивна контрола, ја насочува кон деструкција и дезинформирање. Одговорна партија ќе излезеше и ќе го поздравеше проектот со кој ќе се преполови загаденоста на воздухот“, се наведува во реакцијата на опозициската партија.
Вчера Мицкоски најави дека се преговара за набавка на 100 електрични автобуси за скопјани.
– Во завршна фаза сме и во подготовка на тендерска процедура за набавка на овие автобуси, но исто така со сите овие потенцијални снабдувачи разговараме и за отворање фабрика тука во Скопје, во Македонија, за производство на овие електрични автобуси во којашто ќе се вработат минимум 500 луѓе – рече Мицкоски.