ПРИЗНАЕНИ ВОЗАЧКИТЕ ДОЗВОЛИ ВО ДАНСКА Без полагање ќе се добива Б дозвола
Веќе од 14 декември граѓаните на Македонија ќе можат да управуваат возило со замена на својата возачка дозвола за соодветна данска возачка дозвола, за категорија Б.
Од денеска возачките дозволи издадени во Македонија се признаени во Данска, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи преку Фејсбук.
„Последните информации кои тукушто пристигнаа од нашата амбасада во Копенхаген, е дека данските власти, а врз основа на билатералната соработка, донесоа одлука за признавање на возачките дозволи на Северна Македонија. Со оваа одлука, граѓаните на Северна Македонија, кои имаат регулирано постојан престој на територијата на Данска, веќе од 14 декември ќе можат да управуваат возило со замена на својата возачка дозвола за соодветна данска возачка дозвола, за категорија Б, без услов апликантот да мора да положи контролен возачки испит“, соопшти министерот.
Според него, конечното решавање на ова прашање за државјаните на Република Северна Македонија во Данска е од голема важност за нив и се надминува еден деценски проблем што го обременуваше нивниот секојдневен живот таму, имајќи ја предвид и бројноста на нашата дијаспора во Данска.