ПРИВАТНИ ПАРТНЕРИ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА ЗА ДОЛГ ОД 3,9 МИЛИОНИ ЕВРА Склучени се договори на 96 години, а лимитот е 36

Ревизорите кои имале на увид 25 договори од вкупно 68 кои се склучени во државава утврдија низа неправилности, почнувајќи од законски пропусти, непочитување на законот, слабиот  институционален капацитет, како и пропусти во текстовите на договорите кои го отежнуваат реализирањето на договорите.

607

Речиси 4 милиони евра ќе треба да плати државата, општини или други институции, на компании со кои се склучени јавно-приватни партнерства поради неисполнување на договорените обврски, констатира извештајот од ревизијата на договорите за јавно приватно партнерство за периодот 2017 – 2024 година.

Ревизорите кои имале на увид 25 договори од вкупно 68 кои се склучени во државава утврдиле и низа други неправилности, почнувајќи од законски пропусти, непочитување на законот, слабиот  институционален капацитет, како и пропусти во текстовите на договорите кои го отежнуваат реализирањето на договорите.






При тоа  е утврдено  дека јавниот партнер наплатил надоместоци во износ од приближно 1,5 милиони евра, додека на приватниот партнер му платил надоместоци во износ од приближно 3 милиони евра.

„Вкупното учеството на приватните партнери во овие договори изнесува приближно 37 милиони евра, што ја претставува само набавна вредност на изградените објекти. Учеството на јавниот партнер е значително, но истото не може вредносно да се искаже со оглед на тоа дека се работи за отстапени права (обезбедени согласности и дозволи за градба, решенија), отстапување на земјиште, градежни објекти и опрема“, се наведува во соопштението.

Ревизијата покажала дека постапката за доделување на договори за воспоставување на ЈПП се спроведува без детални подготвителни активности.  Речиси 80% од договорите, се склучени со единствениот најповолен понудувач што упатува на отсуство на конкуренција.

Дополнително е утврдено дека државата не води евиденција на договорите за јавно приватно партнерство, ниту пак врши редовно мерење и следење на ефектите од склучените договори, поради што не може да се утврди  нивното влијание врз квалитетот на јавните услуги и инфраструктурниот развој на државата. Така официјалната бројка на договори е 68, но ревизорите се сомневаат дека има многу повеќе договори за јавно приватно партнерство.

Во извештајот се забележува и дека договорите за јавно приватно партнерство се доделуваат без конкуренција, а Советот формиран од владата за јавно приватно партнерство не ја вршел својата задача.

Во дел од договорите се кршат и законските обврски.

– Констатирано е и состојба на склучен договор со времетраење од 96 години, што е спротивно на законскиот лимит од најмногу 35 години. Во тек се судски постапки во кои јавен партнер се јавува како тужена страна за долг од приближно 3,9 милиони евра, истакнуваат од ДЗР.

Во извештајот се посочува на неколку договори кои ја отсликуваат состојбата со договорите за јавно приватно партнерство.

Во декември 2019 година, како што се наведува, склучен е договор за ЈПП меѓу Владата преку Министерство за здравство како јавен партнер и група на економски оператори како приватен партнер, за период од 15 години, со кој приватниот партнер се обврзал да реновира и адаптира четири објекти во Центри за стерилизација, во рок од две години, односно до декември 2021 година.

Поради нецелосно исполнети услови од страна на јавниот партнер, рокот за реализација повеќепати е пролонгиран на неопределено време.

„Комисијата за следење на реализацијата на договорот за ЈПП, констатирала дека приватниот партнер во целост извршил реновирање, адаптирање и опремување само на Центар за стерилизација на хируршка опрема на објектот кој се наоѓа во ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ1 – Клиника за ортопедија „Мајчин дом“ – Скопје, додека кај другите три објекти не се отпочнати активности бидејќи истите не им биле предадени во владение на приватниот партнер“, се наведува во извештајот..

Во мај 2024 година, Комисијата повторно извршила обиколка во просториите на ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ Скопје и констатирала дека се запазени протоколите и стандардите за отпочнување со работа, но до завршување на ревизијата соработката по основ на ЈПП сè уште не е воспоставена“ забележуваат ревизорите во извештајот.

Ревизорите истакнуваат дека доколку не се изнајде заедничко решение постои ризик од потенцијални штети за двете страни. Овие штети не се ограничени само на економски аспекти, туку може да имаат и негативно влијание врз јавната перцепција за институциите и квалитетот на здравствените услуги кои им се обезбедуваат на граѓаните.

Во ноември 2021 година, склучен е договор за доделување на ЈПП за управување со паметни туристички инфо и промо центри во Полошкиот регион. Предмет на договорот е обезбедување услуги за функционирање на вакви центри на две локации — во Тетово и Попова Шапка. Од страна на јавниот партнер обезбедени се монтажни објекти од привремен карактер, додека во договорот не се прецизирани конкретно обврски на приватниот партнер. Договорот е склучен со вкупна вредност од 60.000 илјади денари, со цел да се обезбедат навремени и квалитетни информации за туристите поврзани со сместување, угостителство, настани и други релевантни содржини, како и да се поддржат маркетинг иницијативи, промоција на локални производи и креирање атрактивни туристички понуди кои ќе го поттикнат развојот на туризмот во регионот.

„Со ревизијата е утврдено дека приватниот партнер, паметниот и информативен промотивен Центар не го користел наменски за промоција на туризмот, туку за вршење комерцијална дејност. Комисија за имплементација и надзор на договорот за ЈПП, дала предлог до директорот на Центарот за развој на Полошки плански регион за раскинување на договорот. За да го избегне тоа и да ја продолжи соработката, приватниот партнер, преку договор за „сингуларна сукцесија2“, ги пренел своите права и обврски на друго правно лице. Притоа, не биле обезбедени соодветни докази за личната и економско-финансиската способност на новиот приватен партнер, што е спротивно на начелата за еднаков третман, транспарентност и недискриминација при избор и работа со приватни партнери“ се вели во извештајот.

Во 2012 година АД Водостопанство – подружница „Тиквеш“ Кавадарци врз основа на пре – физибилити студија за реконструкција на постоечки објекти и имплементација на 4 нови МХЦ на река Бошава спровела постапка за воспоставување на договор за ЈПП. Во 2012 година подружница „Тиквеш“ Кавадарци склучува договор за ЈПП за реализација на проектот Бошава за повеќенаменско искористување на водите, со кој е уредено приватниот партнер да изгради 5 МХЦ. Бројот на МХЦ не е согласно физибилити студијата, јавниот повик и тендерската документација за воспоставување ЈПП. Наведената состојба покажува дека склучениот договор за ЈПП не е усогласен со подготвителните активности и спроведената постапка за доделување на договор, што може да влијае на оправданоста и квалитетот на вршењето на дејноста на јавниот партнер.

Ревизорите укажуваат на отсуство на национални политики и сеопфатна стратегија за развој на ЈПП, што негативно се одразува врз планирањето на проектите, распределбата на ресурсите и дефинирањето приоритети. Ова, пак, го отежнува привлекувањето на економски оператори и го забавува развојот на квалитетни јавни услуги и инфраструктура.

Според ревизорите начинот на кој е уреден надзорот не е доволно прецизен и не овозможува навремено следење и информирање за степенот на реализацијата на договорите.

Поврзани содржини