ПРИТИСОКОТ ЌЕ НАТЕЖНЕ ВРЗ ПЛЕЌИТЕ НА „ОХРАБРЕНИТЕ“ ИСТОРИЧАРИ Политичарите ја шутнаа топката кај Комисијата за историја

Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, не верува дека Комисијата за историја ќе биде во можност да оствари напредок во работата.

1,493

Членовите на мешовитата македонско-бугарска Комисија за историски прашања, по потпишувањето на билатералниот Протокол меѓу Македонија и Бугарија ќе се најдат под огромен притисок.

Ова го тврдат нашите соговорници, кои сметаат дека една комисија составена од научно-образовен кадар, ќе се најде под исклучително силен притисок од страна на политиката, во обидот да ги запази роковите и очекувањата, зададени со потпишаниот Протокол.






Вчера, во текот на своето образложување на деталите од Протоколот, министерот Бујар Османи посочи дека членовите на Комисијата се „охрабруваат“ и „поттикнуваат“ од двете страни, во период од една година да завршат со периодот од Средниот век, а до крајот на преговорите со ЕУ, комплетно да завршат со работата.

Во Протоколот е истакнато и дека двете држави преку надлежните министерства и единици на локалната самоуправа во рок од две години треба да ги вклучат сите веќе меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата, согласно членот 8 ал. 2 од Договорот, во учебните програми, учебниците и релевантни учебни материјали, а истите резултати да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост.

Да го видиме тој историчар

Македонскиот историчар проф д-р Тодор Чепреганов е дециден дека Комисијата за историја е основана од политички мотиви и таа нема да биде во состојба да го испорача тоа што се бара согласно потпишаниот Протокол.

Притисокот ќе биде врз Комисијaта, бидејќи со Протоколот сè се врти околу неа. Доколку нема резултати тогаш ќе стоиме во место, преговорите со ЕУ ќе бидат запрени.

Тодор Чепреганов Историчар

– Незамисливо е друга држава да ни пишува учебници и да ја контролира и менува нашата колективна меморија. Се преговара со држава која не ни го признава постоењето на нацијата пред 1944 година и не ни го признава јазикот – вели Чепреганов, во изјавата за Плусинфо.

Тој е сигурен дека „охрабрување“ и „потикнувањето“ ќе значи притисок врз македонските членови од Комисијата, кои ќе бидат приморани да дадат некакви резултати.

– Притисокот ќе биде врз Комисијaта, бидејќи со Протоколот сè се врти околу неа. Доколку нема резултати тогаш ќе стоиме во место, преговорите со ЕУ ќе бидат запрени. Таму е наведено дека до 2024-25 година, ќе треба да се печатат нови учебници. Да видам кој е тој историчар што ќе напише таков учебник по историја и кој е тој професор по историја што потоа напишаното ќе го предава – изјави Чепреганов.

Различен пристап кон историјата

Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, не верува дека Комисијата за историја ќе биде во можност да оствари напредок во работата, бидејќи според него таа е составена од луѓе од различни научни школи.

– Нашата историја, каква што е и европската, дијалектички пристапува на историскиот аспект на една географска целина, за разлика од бугарскиот пристап каде имате национално гледање на работите, па тие го земаат Првото бугарско царство како факт и со девет века историја подоцна се однесуваат како ништо да не се сменило. Исто е и со јазикот, бидејќи на старословенскиот јазик и писмо тие гледаат како на бугарски. Затоа работата во Комисијата за историја е премногу тешка и мали се шансите да се пронајде заеднички јазик. Тешко е да се замисли дека некој наш историчар ќе се согласи дека Гоце Делечев е Бугарин или дека Коста Рацин пишувал поезија на бугарски јазик – вели Ѓорчев.

Тој потсетува на изјавата на министерот Османи, кој вчера посочи дека бугарската страна доколку биде незадоволна од работата на Комисијата, тогаш може повторно да ги блокира нашиот евроинтегративен пат. Иако самиот Османи, беше дециден дека историчарите не се обврзуваат на ништо.

– Тоа се тешки рокови за исполнување. Кога ќе дојдат тие годишни извештаи за напредокот на Македонија во пристапниот процес кон ЕУ, Бугарија ќе констатира дека нема напредок во работата на Комисијата и тоа ќе значи дека нашата земја не го исполнила тоа што ѝ е пропишано во преговарачката рамка, а е во доменот на добрососедстките односи. Тогаш ќе дојде до повлечи-потегни ситуација, да се направи некаков компромис – додава Ѓорчев.

Министрите се резервирани околу Комисијата

Политикологот Димитар Христов за Плусинфо вели дека премногу се очекува од Комисијата за историја, како и обидот да се пронајде заедничкиот содржател во историјата меѓу двата народа.

И од протоколот и од изјавите на Османи и Генчовска можеме да забележиме доза резервираност во врска со Комисијата за историја каде што и двете страни топката ја префрлаат на таа комисија, велејќи дека таа е посебно тело без политичко влијание.

Димитар Христов Политиколог

– Највпечатливи делови од Протоколот се втората и третата точка од дневниот ред што се однесуваат на историската комисија и на менувањето на Уставот. И од протоколот и од изјавите на Османи и Генчовска можеме да забележиме доза резервираност во врска со Комисијата за историја каде што и двете страни топката ја префрлаат на таа комисија, велејќи дека таа е посебно тело без политичко влијание. Според мене, сè се сведува на тоа дека и двете држави имаат заедничка историја и се очекува заедничко славење на историски личности – вели Христов.

Тој отворено стравува и од бугарскиот став за нашиот јазик, бидејќи е јасно дека ни ова поле не може да се очекува напредок.

– Гледаме дека Протоколот е потпишан и на македонски и на бугарски јазик без никакви забелешки, од една страна ова можеме да го толкуваме како гарантирање на македонсккот јазик, а од друга страна постои реален сомнеж околу признавањето на македонскиот јазик од Бугарија бидејќи во ТВ-изјавите на Генчовската јасно забележуваме дека нема никаква шанса за признавање на мак. јазик. Ова конкретно ќе го дознаеме по денешната меѓувладина конференција. Сè на сè, од ова можеме да заклучиме дека дипломатијата во Македонија доживува дебакл и дека иако во Протоколот стои „соработка”, „заедничко разгледување”, „реципроцитет”, сепак реалноста е дека само Македонија ќе прави измени со цел исполнување на барањата на Бугарија. На крај, мора да бидеме максимално внимателни во менувањето на историските текстови и Уставот, бидејќи Бугарија сè уште го има правото во било кој момент од преговорите повторно да стави вето и со тоа сите измени да си стојат без никаков резултат – додава политикологот.

Поврзани содржини