Како дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби, денес во Скопје пристигнаа 12 машини за асистирано дишење – респиратори, како и пет илјади заштитни маски „N95“. Набавката е реализирана преку агенцијата на обединетите нации УНОПС, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, како надлежна институција за координација на странската помош во земјава, информира Секретаријатот за европски прашања.
– Овие 12 машини ќе го зајакнат капацитетот на здравствениот систем за справување со епидемијата и соодветно третирање на пациентите, што е еден од главните предизвици во справувањето со епидемијата. Во овие сложени околности и отежнати услови за набавка на овие респираторни машини, набавката и доставата на овие машини претставува огромен успех – порача вицепремиерот Бујар Османи, упатувајќи посебна благодарност до претставниците на ЕУ во земјата, како и до администрацијата задолжена за реализација на набавката.
– Особено сум горд на вработените во Секретаријатот за европски прашања, кои во соработка со агенцијата на ОН успеаја да ги надминат сите технички, процедурални и транспортни предизвици за да ја обезбедат оваа сложена набавка – порача Османи.
Респираторите кои денес пристигнаа во земјава се произведени во Јужна Кореја, а според договорот потпишан на 3 април, останува преку УНОПС да се испорачаат уште осум респираторни машини или вкупно 20. Во рамките на помошта од Европската Унија, во континуитет пристигнува медицинска и заштитна опрема согласно утврдената приоритетна листа.