ПРИСТИГНА ИЗВЕШТАЈОТ ОД ГЕРМАНИЈА Откако ќе биде преведен ќе биде позната причината за пожарот во тетовската болница
Досега се направени три вештачења во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово. Првиот од крим-техника при МВР, второто е вештачењето од Технолошкиот факултет, а третото е направено до електроинженер во врска со електричните инсталации.
На германските експерти им требаа дури четири месеци да го дадат своето стручно мислење во истрагата за настанување на пожарот во тетовската модуларна болница.
– До Основното јавно обвинителство Тетово пристигна извештајот од вештачењето што преку меѓународна правна помош беше побарано од германските експерти. Откако ќе биде преведен извештајот, наодите ќе бидат детално анализирани во корелација со другите прибрани докази во предметот, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука – велат од обвинителството.
На почетокот на октомври минатата година, пак, беше објавено дека според вештачењето на МВР пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор, односно апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, а беа направени и вештачења на Технолошкиот факултет и од електроинженер.
Во пожарот ноќта на 8 септември загинаа 14 лица, од кои 12 беа хоспитализирани пациенти со ковид-19.