ПРИРОДОНАУЧНИОТ МУЗЕЈ ЌЕ ДОБИЕ МАГИЧНА СОБА, НОВ ВЛЕЗ И ХОЛ Прва голема донација во 100-годишното постоење на Музејот
Стопанска банка АД Скопје донира 150.000 евра за обнова на влезниот портал и холот на Музејот, изградба на првата интерактивна „MAGIC ROOM“ во Македонија и целосна модернизација на веб-страницата.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, генералниот извршен директор на Стопанска банка АД копје, Хрисула Кутуди и директорот на Природонаучниот музеј – Скопје, Ивица Заркадов, денеска потпишаа Меморандум за тригодишно стратешко партнерство, со кој се воспоставува соработка за модернизација и дигитално обогатување на музејот. Потпишувањето на меморандумот се случува во пресрет на 100-годишниот јубилеј од основањето на оваа музејска институција во следната 2026 година.
Министерот Љутков во изјава за медиумите изрази благодарност до Стопанска банка што ја препозна важноста и потенцијалот на музејот како национален центар за еколошко и научно образование.
– Овој Меморандум е потврда за тоа како јавниот и приватниот сектор можат успешно да соработуваат за создавање подобри услови за учење, иновативни културни и научни содржини и за поддршка на младите генерации. Особено ме радува што проектите што ќе се реализираат, од „Магичната соба“ до подобрената пристапност, модерната веб-страница и новите дигитални алатки, директно ќе влијаат врз развојот на љубопитноста, знаењето и креативноста кај најмладите посетители – потенцираше Љутков.
Генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, Хрисула Кутуди, нагласи дека Банката негува долга традиција во поддршката на образованието, науката и јавните институции.
– Ми претставува особено задоволство да бидам денеска тука како претставник на тимот на Стопанска банка, посветени на новото партнерство со Природонаучниот музеј и со Министерството за култура и туризам. Стопанска банка негува долга традиција на поддршка на образованието, науката и на јавните институции. Се надевам дека со ова партнерство ќе придонесеме за нови интерактивни искуства за илјадниците деца кои го посетуваат Музејот секоја година продолжувајќи ја со тоа научната мисија градена веќе еден век. Им благодарам на Министерството за нивната насока и поддршка и на тимот на Музејот за нивната енергија и инспирација во соработката со нашиот тим. Со нетрпение очекувам да се сретнеме повторно тука на отворањето на новите дигитални поставки – истакна Кутуди.
Директорот на Природонаучниот музеј, Ивица Заркадов, изрази благодарност до Стопанска банка за значајната донација од 150.000 евра, која ќе овозможи обновување на влезниот портал и холот, изградба на првата интерактивна „MAGIC ROOM“ во Македонија и целосна модернизација на веб-страницата. Тој истакна дека овие промени ќе го направат музејот поатрактивен за учениците, младите и за туристите, како и дека ова претставува прва ваква поголема донација директно вложена во музејската зграда, во неговото стогодишно постоење.