📽️ ПРИНЦOT ЏОРЏ ЗАМИНА ВО КОЛЕЏОТ ИТОН Родителите го испратија идниот крал во престижното училиште

Идниот британски крал го започна школувањето во престижниот колеџ, каде што ќе живее во текот на неделата, додека за време на викендите ќе се враќа дома

10

Принцот Џорџ го започна своето школување во престижниот колеџ Итон, следејќи ги стапките на својот татко, принцот Вилијам. Годишната школарина во ова елитно училиште изнесува повеќе од 65.000 фунти.

Тринаесетгодишниот иден британски крал го започна новото животно поглавје во Итон, едно од најпознатите и најпрестижни училишта во светот. Џорџ, кој е втор во линијата за британскиот престол, пристигна на својот прв училишен ден во придружба на родителите, принцот Вилијам и принцезата Кетрин.






За оваа посебна пригода Џорџ носеше кошула и вратоврска, темно сако, панталони и кафени чевли од велур. Семејството таму го пречека директорот Симон Хендерсон, кој со насмевка му посака добредојде на Џорџ.

– Џорџ, добредојде, со среќа и уживај – му порача директорот.

На фотографиите од првиот ден може да се забележи дека младиот принц е малку нервозен, но сепак со насмевка на лицето. Особено е горда неговата мајка, која го набљудува додека се ракува со претставниците на училиштето, а при влегувањето во зградата заштитнички му ја става раката на грбот.

Вилијам за големиот ден на својот син избра темен костум, додека Кетрин се појави во елегантен зелен фустан и со голем чадор.

По официјалното добредојде, родителите му помогнаа на Џорџ да се смести во неговата нова соба. Како и останатите ученици што престојуваат во интернатот, тој ќе има сопствена соба во една од 25-те интернатски куќи, но палатата Кенсингтон одлучила да не открие во која од нив ќе живее.

Според „Vanity Fair“, Џорџ првата ноќ ја поминал во новиот интернат, во соба со единечен кревет, биро и полици за книги и лични предмети. Тој ќе биде таканаречен „weekly boarder“, што значи дека во текот на неделата ќе живее во училиштето, а за викендите ќе се враќа дома. Семејниот дом во Виндзор е на кратко возење од Итон.

Џорџ во училиштето ќе ги помине следните пет години. Своевремено таму престојувал и неговиот татко, Вилијам кој на својот прв ден на 6 септември 1995 година, пристигнал во придружба на татко му Чарлс, мајка му принцезата Дијана и помладиот брат Хари.

Неговиот прв ден изгледал значително поинаку од оној на Џорџ. Вилијам тогаш бил пречекан од голем број претставници на светските медиуми, додека пристигнувањето на Џорџ го следела само мала група избрани кралски фотографи. „Vanity Fair“ пишува дека Вилијам и Кетрин намерно сакале нивниот син да има што понормален и посреќен училишен живот, без непотребно медиумско внимание.

Околу училишниот комплекс биле поставени и известувања со кои граѓаните се предупредуваат да не ги фотографираат учениците додека се движат меѓу училишните згради. Итон, пак, презел и дополнителни мерки за приватност пред доаѓањето на принцот.

Итон долго време бил фаворит за продолжувањето на образованието на Џорџ, иако неговите родители разгледувале и други училишта, меѓу кои и Марлборо, кое го посетувала Кетрин. На крајот, пресудила близината на нивниот семеен дом во Виндзор, искуството на Итон со ученици од познати семејства, но и желбата на самиот Џорџ.

„PEOPLE“ објави дека Џорџ отсекогаш сакал да тргне по стапките на својот татко. Во новото училиште ќе му се придружат и неколку негови пријатели од Ламбурк, училиштето кое го посетуваше во изминатите години заедно со помладата сестра Шарлот и братот Луис.

Шарлот и Луис, сепак, не биле присутни на првиот ден на Џорџ во Итон. Тие остануваат во Ламбурк, па ова е првпат по четири години трите деца да посетуваат различни училишта. Шарлот во иднина нема да може да го следи братот во Итон бидејќи станува збор за училиште само за момчиња.

Школувањето во Итон не е евтино. Годишната школарина надминува 65.000 фунти, а учениците имаат на располагање врвни спортски, музички и драмски содржини. Училиштето има и сооднос од приближно еден наставник на седум ученици.

Итон го основал кралот Хенри Шести во 1440 година, првично со цел да им овозможи бесплатно образование на сиромашни момчиња кои потоа би го продолжиле школувањето на Кралскиот колеџ во Кембриџ. Денес околу 20 отсто од учениците добиваат одредена форма на стипендија или финансиска помош.

Списокот на познати поранешни ученици е импресивен. Итон го посетувале 20 поранешни британски премиери, меѓу кои Борис Џонсон и Дејвид Камерон, како и писателите Џорџ Орвел, Олдос Хаксли и Ијан Флеминг и актерите Еди Редмејн, Том Хидлстон и Демијан Луис.

Училиштето е познато и по своите необични традиции. Учениците носат црн фрак, елек, бела кошула и соодветни панталони, а наставниците традиционално ги нарекуваат „beaks“. Итон е интернатско училиште само за момчиња.

Интересни се и правилата за мобилните телефони. Џорџ и неговите врсници смеат да користат само едноставни телефони „Nokia“ со многу ограничени можности. Тоа веројатно нема да му биде проблем бидејќи Вилијам и Кетрин и претходно зборувале дека на своите деца не им дозволуваат паметни телефони.

Итон има и посебно емотивно значење за Вилијам. Принцот своевремено зборувал дека уживал таму бидејќи можел да биде „само уште еден ученик“. Близината на Виндзор му овозможувала и редовно да ја посетува својата баба, покојната кралица Елизабета Втора, со која пиел чај и разговарал.

Сега по неговите стапки тргна Џорџ. За 13-годишниот принц, престојот во Итон ќе значи и прво вистинско искуство со интернатски живот, надвор од дома во текот на работната недела, но доволно блиску за викендите да се враќа кај семејството.

Првиот ден на Џорџ се совпадна и со четвртата годишнина од смртта на неговата прабаба, кралицата Елизабета Втора, и стапувањето на неговиот дедо Чарлс Трети на британскиот престол.

Поврзани содржини