ПРИМИРЈЕТО НЕ ИЗДРЖА, A ЗАГРОЗЕН Е И МИРОВНИОТ ДОГОВОР Нови напади и нови жртви во Газа

Израел ја суспендираше хуманитарната помош за Газа „до понатамошно известување“, наведувајќи го прекршувањето на прекинот на огнот од страна на Хамас, што исламистичкото движење го негира.

482

Прекинот на огнот во појасот Газа, постигнат со посредство на САД пред нешто повеќе од една недела, пропадна откако израелската армија изврши нови напади на Газа, во кои има најмалку 11 жртви, а администрацијата на САД интензивно работи да го спаси постигнатиот мировен договор, кој со ова е сериозно загрозен.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) извршија повеќе воздушни напади во јужниот дел на Газа, особено во областа Рафа, како одговор на нападите на милитантите на Хамас врз израелските војници. Според ИДФ, Хамас излегол од тунели и испукал противтенковски ракети кон израелските трупи, по што извршиле околу 20 воздушни напади врз цели на Хамас.






Во меѓувреме, Израел ја суспендираше хуманитарната помош за Газа „до понатамошно известување“, наведувајќи го прекршувањето на прекинот на огнот од страна на Хамас, што исламистичкото движење го негира. Палестинската агенција за цивилна одбрана соопшти дека најмалку 11 лица загинале во серија израелски напади, вклучително и шест цивили во северниот дел на Газа. Вкупниот број на жртви во последните инциденти достигна 15 лица, додека Израел ги проверува извештаите за жртвите и не исклучува дополнителни напади.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика итен состанок со врвните помошници за да го одреди одговорот на нападите на Хамас и продолжувањето на инцидентите. Воените претставници на Израел посочија дека во текот на денот биле таргетирани милитантите од Рафа и Беит Лахија по три одделни напади врз израелските сили, а нови воздушни напади се можни.

Американската администрација, преку Стив Виткоф и Џаред Кушнер, изрази загриженост за нарушувањата и ја повика Израелската војска да одговори пропорционално, со воздржаност. Функционерите на САД нагласуваат дека следните 30 дена се критични за спроведувањето на мировниот договор и најавија зголемен надзор и дипломатски активности за изолирање на Хамас и создавање алтернатива во Газа, наместо враќање на целосна војна.

Во меѓувреме, Хамас негира каква било вмешаност во нападите врз израелските трупи, тврдејќи дека нивните борци не биле во контакт со инцидентите во Рафа и дека организацијата е посветена на прекинот на огнот.

Ситуацијата останува неизвесна, а продолжените воздушни напади, суспензијата на хуманитарната помош и обвинувањата од двете страни укажуваат дека мировниот договор за Газа е сериозно загрозен и дека ризикот од нов судир е висок.

– Знаевме дека ова доаѓа. И колку подолго им е дозволено на овие момци да се напаѓаат едни со други, толку повеќе ќе се напаѓаат едни со други, изјави висок функционер на администрацијата на Трамп за порталот за „Аксиос“.

– Следните 30 дена ќе бидат критични. Сега сме задолжени за тоа што ќе се случува во Газа во однос на спроведувањето на договорот. Ние ќе ги донесеме одлуките – рече американскиот функционер.

Се очекува потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, Виткоф и Кушнер, да пристигнат во Израел следната недела за да разговараат за спроведувањето на следната фаза од договорот.

 

Поврзани содржини