Приказните за рекетот не се завршени
Жал ми е што во текот на постапката на првообвинетиот Бојан Јовановски му беше ускратена можноста да сведочи и да докажува кои лица од поранешниот државен врв беа замешани во аферата, за судот да оцени дали и кај нив постои кривично-правна одговорност.
Првостепената пресуда за предметот „Меѓународен сојуз“ во целост ги потврди приказните што ги објавив во 2019 година, користејќи кодирани имиња на актерите, за да избегнам жестоките притисоци на режимот на Заев да се трансформираат евентуално и во кривична постапка против мене (имаше и такви закани).
Судот ги потврди фактите што ги соопштив и оцени кои дејствија на осомничените и на обвинетите биле кривични дела, а кои не биле. Оценката на Судот, до правосилноста на пресудата, нема да ја коментирам.
Жал ми е што во текот на постапката на првообвинетиот Бојан Јовановски му беше ускратена можноста да сведочи и да докажува кои лица од поранешниот државен врв беа замешани во аферата, за судот да оцени дали и кај нив постои кривично-правна одговорност. Можеби во едно повторено судење тоа и ќе се случи.
Јавно протестирам поради определените драконски казни и за Јовановски и за другите осудени.
Во последно време, македонските судови своите слабости и неотпорностите на политички притисоци ги компензираат со заострена казнена политика, која говори и за општиот пораст на насилството во македонското општество. Тоа во теоријата се нарекува „брутализирачки ефект“ на казнената политика.
На Фросина Ременски искрено и честитам за ослободителната пресуда и и посакувам никогаш повеќе да не се најде во ваква непријатна ситуација.
На сите кои овие три години ме напаѓаа, ме навредуваа и им се потсмеваа на моите приказни за рекетарскиот скандал што ја потресе Македонија, им порачувам да се соочат со фактите. Моите написи открија дека некогашното Специјално јавно обвинителство, на чело со обвинителската икона Катица Јанева, беше всушност жариште на висока корупција, во која беа замешани високи државни функционери, луѓе од правосудството, но и луѓе од медиумите. Сега тоа е потврдено и со наративите во две судски пресуди.
За жал, приказните за аферата „Рекет“ сè уште не се завршени. Се надевам дека во блиска иднина јас и моите помлади колеги новинари ќе собереме аргументи и храброст да ги довршиме. Овој пат без кодирани имиња.