Приказни за мали деца

Србија и минатата година била „демократија со недостатоци“, кога ние бевме „хибриден режим“! Таа минатата година имала вкупен резултат од 6.22 поени, а ние 5.89 поени. Впрочем, минатата година и Албанија премина од „хибриден режим“ во „демократија со недостатоци“, ама ние таквите нешта не сакаме јавно да ги регистрираме, нели?

1,501

Погледнато низ призмата на неопходноста, дури итноста, на менувањето на општествената матрица, дали нашата „нова реалност“ сега наречена демократија со недостатоци, ќе ја претставува таа нова македонска матрица? Се разбира – нема.

Засега – што од временска гледна точка е крајно апстрактен поим – сигурен сум, сѐ ќе остане како што беше: ни волкот сит ни овците на број! Се надевам дека нема потреба поконкретно да објаснувам кој е волкот а кои се овците, нели? Но, секако, интересно е ова македонско придвижување на скалата на демократијата, па нека е и со „недостатоци“. Но, уште поинтересно е што Индексот на демократија на „The Economist“ не успева во Источна Европа да види целосна демократија („full democracy“), дури ни во една Естонија, Чешка, Словенија, Латвија, Литванија… коишто се на самиот врв на табелата (со над 7.00 поени од 10.00 можни), ама и тие сепак – со „недостатоци“. И знам дека македонското политикантство, а особено оние добро платени лакејни „аналитичари“, ќе знаат ова да го искористат и да почнат кампања на наше изедначување со овие држави, иако од нив нѐ делат речиси цели два индексни поени. Или две светлосни години. А од Украина, која сѐ уште е хибриден режим, „бегаме“ за само 0.46 индексни поени!






Но, интересни се некои позиционирања и оценки според дадени области. На пример, спомнатите на врвот (Естонија, Чешка, Словенија, Латвија, Литванија…), во изборниот процес и плурализмот имаат оценка 9.58, а ние 7.42; во политичката култура тие (главно) имаат над 6.5 поени (Чешка дури 7.50), а ние само 3.13 – помалку дури и од оние со етикета „хибриден режим“ (Украина, Азербејџан, Узбекистан, Туркменистан… 5.00 поени; Таџикистан 4.38; БиХ 3.75…) итн. Меѓутоа, има уште една интересна страна оваа табела: и Србија, онаа којашто (според нашите „аналитичари“) е „диктаторскиот режим“, е три места погоре од нас, со вкупен резултат од 6.36 поени, наспроти нашите 6.03. Но тоа не е сѐ: таа Србија и минатата година била „демократија со недостатоци“, кога ние бевме „хибриден режим“! Таа минатата година имала вкупен резултат од 6.22 поени, а ние 5.89 поени. Впрочем, минатата година и Албанија премина од „хибриден режим“ во „демократија со недостатоци“, ама ние таквите нешта не сакаме јавно да ги регистрираме, нели?! Но, од друга страна, сосема држи и видувањето на Никица Корубин, која (за Србија) прашува: „(…) како на пример е дојдено до оценка од 8,25 за изборен процес и плурализам, што сам по себе е највисока оценка на земја која преговара за услови на оддржување на избори со посредство на ЕУ, по примерот на пржинските преговори кај нас; кога не се сметавме себе си за демократија, туку за заробена држава. Чудно во најмала рака“.

Она што за нас, за македонската демократија, би требало (според мене) да биде најбитно, се точките на нашето демократско поместување напред односно погоре на табелата на демократијата во светот. И тоа е многу едноставен процес, ако сакате да го видите резултатот, се разбира: се прави со едноставно споредување на табелите од 2020  и 2021 година и се гледа дали и каде сме напредувале. Но, и тука имаме чудни споредбени бројки: во 2020 година, кога сме биле хибриден режим и 2021 година кога сме пораснале во демократија со недостатоци. Со ова апсолутно не сакам да го намалам „успехот“, но бројките говорат самите за себе. На пример, и во 2020 и во 2021 година, во четири оценувани категории (Изборен процес и плурализам 7.42, Политичко учество 6.11, Политичка култура 3.13 и Граѓански слободи 7.06) сме имале ист број поени, а само во една категорија – Функционалност на владата – во 2021 година сме добиле оцена 6.43, што е за 0.72 индексни поени подобар резултат!  Оттука, што подобро сме направиле ние во 2021 година (кога сме биле демократија со недостатоци) во однос на 2020 година (кога бевме хибриден режим)? Бројките, велат, никогаш не лажат, па и овде: сме ја подобриле само и единствено функционалноста на владата, и тоа за 0.72 индексни поени! Знам, некој ќе рече дека ако владата е функционална тогаш и државата ќе биде таква. Не знам, не сум сигурен со што би можела да се поткрепи таквата евентуална констатација, особено кај нас. И што тоао значи во праксата односно каде се/ја гледаат таа „функционалност“? Дали ако владата ни е „функционална“, и „демократијата“ ќе ни биде таква, функционална? Приказни за мали деца! Но, тука има друг битен момент: во текстуалниот дел за Северна Македонија посебно се истакнува оставката на екс-премиерот Заев („In response to his party’s defeat in the elections, the prime minister and leader of the ruling party, Zoran Zaev, said that he would take responsibility and step down from both of his positions“). И сега, прашањето: тоа ли треба да е посебното политичко достигнување и функционалност на владата во 2021 година!?

Зошто го поставувам ова прашање? Затоа што имаше премногу славопојки околу таа оставка кај домашните вувузелни „аналитичари“, имаше дури и плачки – чудо повторно не го кандидираа за Нобелова награда? – но се заборава, на пример, дека и неговиот претходник Груевски си поднесе оставка од сите политички/партиски функции! Под кои и какви притисоци – не знаеме, ама не знаеме ни за евентуалните притисоци врз Заев, нели? Понатаму, ако добро паметам, и Шеќеринска, по двата последователни порази на СДСМ кога таа беше негов претседател, си поднесе оставка. Оставка си поднесе и Црвенковски во 2013 година, па по него дојде Заев. И сега, зошто за „The Economist“ некаков (политички односно „демократски“) репер е оставката на последниов, ама не и на претходните? И кој воопшто го тепаше по уши тој Заев да си поднесува оставка после локални избори, ако тука немало и некакво друго замешателство, за коешто ќе разбереме после некои 20-30 години? Ако е и од „The Economist“ – многу е!

Но, новата македонска форма на „демократија“ („со недостатоци“), барем според „The Economist“, поставува една друга важна теза односно друго важно прашање, и тоа токму со спомнувањето на оставката на екс-премиерот Заев: за улогата на поединецот во менувањето на општеството/општествената матрица. Зашто, како што посебно потенцира Индексот на демократија 2021 во врска со оставката на екс-премиерот Заев, ако тоа бил пресуден миг за нашиот трансфер од хибриден режим во демократија со недостатоци, тогаш таа улога е поголема одошто ние мислиме?!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Поврзани содржини