Пријателот на мојот непријател

1,143

Познавачите тврдат дека зборот доверба е клучен во политиката. Довербата кон политичарите може да ја има во поголема или помала доза, може да биде „лабава“ или воопшто да ја нема. Довербата на македонскиот граѓанин во оваа власт, во огромен процент, е – нула. Без оглед што некои политикантски пионерчиња влезени во филмот на „аналитичари“, во напорот да се допаднат дури и на оваа и ваква власт, сакаат да го проблематизираат зборот „огромна“, или „(по)голема“ и слично. Сите анкети, па и оние на властелинските приврзоци, го говорат тоа: македонскиот граѓанин не само што нема доверба во оваа власт, туку ја смета и за ненародна, дури антидржавна.

Фашизоидната „приказна“ од Онкологија е само уште една потврда за тоа!






И тоа е првата пречка и во нашата доверба кон т.н. меѓународна заедница. Зошто? Затоа што е невозможно некој да поддржува една ваква лажлива, криминална и коруптивна власт, а да говори дека има добри намери кон земјата. Дури САД, најгласни во потенцирањето на силната корупција во самите врвови на власта, им дава нови пет милиони долари за – борба против корупцијата! На истите оние кои се главниот генератор на криминалот и корупцијата?!

Тогаш кој, и како, ќе го убеди македонскиот граѓанин дека „меѓународната заедница“ работи во полза на оваа земја, дека ги штити и нашите интереси а не само оние на власта, дека ги стимулира демократските а не криминалните процеси во државава? Ако оваа македонска власт одамна ја прокоцка довербата кај мнозинството граѓани, истиот факт оди и на сметката на главните „стратешки“ партнери ЕУ и САД. Или тие тоа не го гледаат, или не сакаат да го видат заради остварувањето на нивните „стратешки“ цели, остварливи единствено со актуелнава коалиција сдсм-дуи (малите букви се реален одраз на реномето на овие партии)?

И од тука генерира и втората битна дилема на нормалниот македонски граѓанин во однос на аспирациите на меѓународната заедница: кои се и какви се тие „стратешки цели“ ако нив може да ги реализира само ваква криминална коалиција? Зашто, амбасадите на клучните земји веројатно ги следат анкетите, па и медиумите и социјалните мрежи, и го гледаат расположението на јавноста кон овие криминалци. И покрај сѐ, тие се нивниот главен адут? Е па одете објаснете му го тоа на македонскиот граѓанин! А впрочем, нели претходно, во оние 11 години (2006-2017), адутот им беше во една друга коалиција? Па ја растурија, ама сега најдоа подобри извршители? За која цел и по каква цена?

На ова, односно на сомнежот на македонскиот граѓанин, се надоврзува и континуираната катастрофално погрешна проценка на меѓународната заедница за потенцијалите на одделни македонски политичари и т.н. влијателни поединци, сугерирани којзнае од кого, како, и зошто. Тоа особено се покажува во последниве пет-шест години, но и многу години претходно! Сервилноста, одвратната понизност и неспособноста на нивните избраници е постојан предмет на потсмев во јавноста и отворена недоверба во кадровските стандарди – па и интелигенцијата! – на странските партнери. Тезата дека таквите избраници треба да ги спроведуваат нивните стратешки цели „држи“ само делумно бидејќи, прво, тие се очигледно неспособни за тоа, и второ, ако речиси целата јавност се противи на таквите политиканти, како тие реално ќе ги спроведуваат тие стратешкицели и до кој степен?

Следствено, ние немаме генерален проблем односно недоверба – како што ни се подметнува! – во меѓународната заедница, подразбирајќи ги тука ЕУ, НАТО и САД, туку во нивната малтене налудничава (до)верба во оваа политикантска гарнитура на неспособни и коруптивни „политичари“ камуфлирани во еврофили, натофили, наводни вљубеници во САД и генерални „прогресивци“. Но таа недоверба веќе одамна се шири и на т.н. стратешки цели на истата меѓународна заедница и улогата на Македонија во истите.

Ако, на пример, Роберт Менендез, претседател на Комитетот за надворешни работи во Сенатот на САД, на фамозната седница (18 мај) за проценка на американската политика на Западен Балкан, јасно и гласно потенцира дека „секако, како што работиме со нашите партнери (Балканските земји, м.з.) да ги оддалечиме од Русија, не сакаме низ тој процес тие да отидат кон Кина“, тогаш за кои и какви – наши! – „стратешки цели“ говориме? Односно дали Македонија во тие цели е само заложник на фокусот на глобалните политики/интереси на големите сили, и дали тоа подразбира и најбезобразно газење врз достоинството на малите земји/народи, често и со потенцијално катастрофални штети и последици.

Зашто, инаку, што значат оние зборови на Ескобар и Шоле за „тешки одлуки“, зборови кои потоа како папагали ги повторуваат и нашиве шутраци без некој да објасни какви последици носат тие „тешки одлуки“? И зошто, по ѓаволите, ние би требале да исполнуваме нивни стратешки а не наши суштински цели?

И понатаму, зарем меѓународната заедница сериозно мисли дека македонскиот граѓанин не гледа дека цената за нивните „стратешки цели“ е беспризорното дивеење на оваа криминална клика, владеењето на криминалот и корупцијата во самите врвови на власта, во непотизмот и партизацијата на администрацијата и судството итн.? Без оглед што сето тоа стои „црно на бело“ во сите оние негативни извештаи токму на оваа меѓународна заедница уште од 2017 година наваму?

Кај граѓаните секојдневно расте чувството дека меѓународната заедница отворено и целосно недипломатски фаворизира недемократска, криминална (како што впрочем и самата често ја нарекува!) и антиреформска власт заради своите интересни сфери и (дали и?) лукративни цели. И дека токму таквите криминални политикантски структури налик на овие кај нас се најголемата, ако не и единствената, причина за радикалното опаѓање на довербата на македонскиот граѓанин во меѓународните планови за земјава?

Зашто, нели, пријателот на мојот непријател е – мој непријател!? И тука нема друга опција. Ако во низа од неколку години истата меѓународна заедница укажуваше на редица проблеми, пропусти, недемократски постапки, антиреформско однесување… на оваа власт, а особено на нивната криминална и коруптивна позадина, како одеднаш токму тие (о)стануваат единствените нивни играчи во оваа провинција? И токму тие криминалци се сѐ уште носители на евроинтегративните процеси, спасители на државава и единствената политичка опција?

Извинете, но тоа не само што е несериозно туку е и малоумно. А впрочем, каков „европски“ брак би бил овој на Македонија и ЕУ каде што повеќе од 70% од населението се ежи при спомнувањето на Европската унија? Брак на сила, однапред договорен брак, онака по балкански? Извинете, но во кој век живее таа ЕУ, па и САД? Зарем сме ние сите идиоти на кои и понатаму можат секакви криминалци да им продаваат „прогрес“ и „демократија“? Зарем никој таму не гледа дека тие времиња се сепак – минато?

Ако американската амбасадорка гласно вели дека „народот на Македонија заслужува интегритет од своите јавни функционери и систем којшто ќе ги смета за одговорни“, но во праксата поддржува ваква криминална опција, тогаш за каква доверба на народот во меѓународната заедница можеме да говориме?

Ако на сето ова се надоврзат и сите срамно лажливи политики и евтини ветувања на ЕУ кон Македонија во овој евроинтегративен процес – не само од налудничавиот „Преспански договор“ туку и многу години претходно, дури од 2005 година наваму – при што полека но сигурно се „ситнела“ довербата кон Европа и истата сѐ почесто се именувала како „она“ од Вавилон дури и од најубедените еврофили, стануваат ли тогаш работите појасни? Би требало, но тоа таа ЕУ и онакви „фиќфириќи“ како Макрон и компанија тоа очигледно не ги тангира. Во ваква светлина, дури и оние (наводно) пријателски гестови од типот на поддршки кон македонскиот јазик, идентитет и култура прозвучуват лицемерно. Зашто, кој нормален воопшто отвора дебата за туѓ јазик, идентитет и култура?

А сепак, македонскиот граѓанин – со ретки исклучоци – е доволно културен да не возвраќа со иста мерка на многубројните потценувања, па и понижувања на меѓународната заедница. Не дека нема материјал за споредба. Доволно, на пример, би било компаративното однесување на дел од (сега така самобендисаните) европски држави во времето на фашизмот/нацизмот, односот кон Евреите и другите малцинства за време на Втората светска војна итн. Но, каде би нѐ одвело тоа?

На крајот, кога врз вакви нестабилни темели градите некакви потенцијално трајни односи, особено кога нив ги градат крајно неуки и неспособни луѓе од двете страни (ЕУ и Сев. Македонија), резултатот никогаш не може да биде поволен. Не само поради сомничавата скептичност на повеќе од 70% македонски граѓани. Не, не само поради тоа.

 

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини