Презентиран Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2021/2022

Министерката Царовска нагласи дека фокусот е ставен на средното стручно образование, кое, како што рече, е образование на сегашноста и на иднината. Апелираше учениците да се запишат во средните стручни училишта.

324

Премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска на прес-конференција го презентираа Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2021/2022 година во Република Северна Македонија.

Конкурсот е објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) и е достапен на следниот линк https://mon.gov.mk/content/?id=3850, а од утре ќе биде објавен во печатените медиуми, на македонски и на албански јазик, во „Слободен печат“ и „Коха“.






Министерката Царовска нагласи дека првпат конкурсот е донесен во социјален дијалог со локалните самоуправи и со реалниот сектор и додаде дека и во иднина на тој начин треба да се креира уписната политика во средните училишта и во иднина. Таа потсети дека кампњата „Учи паметно, работи стручно“ се одвиваше низ 19 настани во разни општини и заедно со стопанските комори, локалните самоуправи и училиштата утврдиле кои се потребните профили што треба да се отворат во одредено училиште или кои треба да се стават во мирување.

Царовска како придобивки од стручното образование ги истакна: брз и успешен настап на пазарот на труд на секој ученик што ќе заврши средно стручно образование, добра основа за понатамошна високообразовна надградба, гарантирана добра заработка и финансиско осамостојување на младите кои побрзо можат да дојдат до работни места и компаниите добиваат подготвени и веднаш вработливи кадри. Посочи на политиката за стипендирање, која, како што рече, Владата ја донесе на претпоследната владина седница.

– Со Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2021/2022 година во 109 средни училишта предвидени се вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки. Од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралалеки, 9.261 ученик во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки за уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко-информатичка гиманзија – рече Царовска.

Министерката Царовска нагласи дека фокусот е ставен на средното стручно образование, кое, како што рече, е образование на сегашноста и на иднината. Апелираше учениците да се запишат во средните стручни училишта.

Премиерот Заев нагласи дека кампањатата „Учи паметно, работи стручно“ била успешна и дала ефект и изрази благодарност до стопанските комори, до сите компании што ја поддржале, до Швајцарската амбасада, Германија, УСАИД, УНДП…

– Анализата на МОН, во која учествуваа 450 компании, покажа дека дури 85 отсто се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавањето на стручен и квалитетен кадар – рече Заев.

Министерката подвлече дека стручното образование станува интересно за младите и поради проширувањето на концептот на дуално образование – современ концепт на едукација кој обезбедува повеќе практична обука за учениците и тоа директно во компании.

– Со новиот конкурс оваа година отвораме 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик во 11 паралелки кои се од веќе постоечки програми, а 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училиштата и компаниите – додаде Царовска и упати апел до сите 19.389 деветтоодделенци, при изборот на образование да ја имаат предвид информацијата за тоа колку одреден тип на образование нуди можности за вработување и безбедна и перспективна иднина. Дополнително порача дека има 10 кратно зголемување на стипендиите кои се доделуваат за ученици запишани во средно стручно образование.

– Атрактивноста на средното стручно образование дополнително ќе ја стимулираме и со обезбедување на фонд од 2.200 стипендии за ученици од прва година, во вкупна вредност од околу 60 милиони денари. Учениците кои ќе се запишат во дуална паралелка ќе добиваат месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината – рече таа.

Заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани истакна дека има значително модернизиран образовен систем во делот на стручното образование.

– Стручното образование со проширен дуален концепт на едукација е интересен за младите затоа што обезбедува повеќе учење преку работа, а помалку учење теорија, но и концепт кој е стимулиран со средства за стипендирање на оние кои ќе одлучат да учат стручно во дуални паралелки – рече заменик министерот и апелираше до младите да го разгледаат конкурсот, да ги видат слободните места, но и добро да се информираат за сите придобивки кои ги нуди стручната едукација и тоа да биде приоритетен избор при уписите во средно.

Претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија Бранко Азески истакна дека за реалниот сектор, стручното образование е важно за создавање на стручен и квалитетен кадар. Тоа го потврди и анализата во која учествуваа 450 компании, од кои дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со три пријавувања во месец јуни: од 14ти до 17ти јуни, од 23ти до 25ти јуни, и на 30 јуни 2021 година.

Поврзани содржини