ПРЕВОЗНИЦИТЕ АЛАРМИРААТ Зголемување на минималната плата може да го стопира јавниот превоз во Скопје

Автобуските и такси превозници предупредуваат дека без државна поддршка ќе мора да ги зголемат цените или да престанат со работа.

134

Приватните автобуски и такси превозници од Скопје предупредуваат дека најавеното зголемување на минималната плата за 200 евра може сериозно да го загрози нивното работење, доколку државата не обезбеди соодветни субвенции. Во спротивно, велат тие, дел од фирмите ќе работат со загуби, а дел ќе бидат принудени целосно да ги раскинат договорите.

Од Синдикатот на приватни автобуски превозници на град Скопје посочуваат дека барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата за околу 50 проценти е неизводливо за микро-компаниите кои работат во јавниот превоз.






– Ние сме мали фирми со еден до двајца вработени и веќе подолго време се соочуваме со финансиски проблеми. Во минатото имавме сериозни доцнења во исплатите од Град Скопје, особено за време на мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, со која и денес имаме активен судски спор поради неисплатени обврски – изјави за МИА Кемал Муриќ, претседател на Синдикатот.

Тој нагласува дека дел од превозниците биле принудени да земаат кредити за да можат да продолжат со работа и да ги исполнат обврските кон граѓаните.

– Ако минималната плата се зголеми за 50 проценти, ќе дојдеме во ситуација во која нема да можеме да возиме. Работењето ќе биде сведено на минимум или со загуби, што ќе нè принуди да ги откажеме договорите – предупредува Муриќ.

Според него, ваквиот развој на настаните би имал директни последици и за граѓаните.

– Или ќе се зголеми цената на автобуската карта, или јавниот превоз ќе остане без дел од превозниците. Во двата случаи, последиците ќе ги почувствуваат и граѓаните и стотици семејства кои живеат од овој сектор – додава тој.

Муриќ потсетува дека во многу европски држави јавниот превоз се субвенционира од државата, бидејќи без поддршка е нерентабилен.

– Апсолутно размислуваме и делуваме во насока на обезбедување државни субвенции. Само така може да се најде одржливо решение – вели тој, посочувајќи дека синдикатот застапува околу 200 приватни превозници.

Сличен став имаат и од Синдикатот на автотакси превозници на град Скопје, од каде што истакнуваат дека зголемувањето на платите без државна поддршка ќе доведе до поскапување на такси услугите.

– Нашите членови самите си ги плаќаат платите и придонесите. Со секое зголемување на платата, растат и давачките, а тоа директно ја намалува заработката – изјави за МИА Ѓорѓи Мариновски, претседател на Синдикатот на такси превозници.

Тој предупредува дека зголемувањето на цените ќе значи и помал број патници.

– Едвај ги покриваме и сегашните придонеси. Ако се зголеми минималната плата без поддршка, целиот товар ќе падне врз таксистите – вели Мариновски.

Како можно решение, тој предлага државата да го покрие разликата.

– Ако државата обезбеди субвенција од околу 3.000 денари по вработен, тогаш ова зголемување би било издржливо. Во спротивно, секторот ќе биде сериозно погоден – додава Мариновски, чиј синдикат обединува 18 компании со околу 1.500 членови.

Поврзани содржини