ПРЕТСТАВАТА „12“ ЈА ОСВОИ ГЛАВНАТА НАГРАДА НА „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ Фаворит на публиката беше „Слепци“

Од силна колективна игра до моќни индивидуални изведби – годинашниот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ги истакна најдобрите театарски уметнички остварувања на македонската сцена.

547

Претставата „12“ на МНТ е најдобрата претстава на годинашниов 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, соопшти фестивалското жири на прес-конференција денеска напладне. Жирито реши да ѝ додели на оваа претстава и специјална награда за колективна актерска игра.

Како што образложи претседателката на тричленото фестивалско жири Лилија Абаџиева од Бугарија, во претставата има исклучително актерско достигнување.






– Театарот е местото каде што невидливото станува видливо, според Питер Брук. Верувам дека секој спектакл е едно патување и упатување кон непознатото во човечкото суштествување. Во претставата „12“, во актерската работа има внатрешна вистина на преживувањето, психолошка правдивост и актерство што плени. За мене „12“ е исклучително актерско достигнување на секој актер од екипата – изјави Абаџиева.

Претставата „Слепци“ на Турски театар од Скопје ја доби наградата од публиката што ја воведе фестивалот. Оваа претстава од жирито доби и уште 3 награди: награда за најдобра режија на Жендрим Ријани, награда за млада актерка за Слаѓана Вујошевиќ и награда за рекламен материјал, за Медина Хоџа.

Најдобра главна машка улога на Фестивалот оствари Мартин Мирчевски за улогата на Андон Совичанов во претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар. Оваа претстава доби награда и за современа сценска драматизација и адаптација за Јелена Цветановска.

Најдобра главна женска улога оствари актерката Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ на Штипскиот театар.

Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на „Театар Комедија“ од Скопје.

Наградата за современ драмски текст ја доби Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на Драмски театар од Скопје. Наградата за кореографија и сценски движења со мнозинство гласови се додели на Васил Зафирчев за кореографија и за сценски движења во претставата „Рацин“, во изведба на Велешкиот театар.

Наградата за музика „Филип Стевановски“ ја доби Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ на Велешкиот театар, а наградата за костимографија ја доби Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ на Албанскиот театар. Валентин Светозарев е добитник на наградата за сценографија во претставата „Рацин“ на Велешкиот театар.

Директорот на Турски театар Осман Али е горд на добиената награда од публиката за претставата „Слепци“.

– Најдобрите критики и реакции ги добиваме од Прилепската фестивалска публика. Многу сме задоволни од наградата – рече Али.

Актерката Слаѓана Вујошевиќ од претставата „Слепци“, добитник на наградата за најдобра млада актерка, рече дека претставата е со моќна порака и со силна колективна актерска игра.

– Многу ја сакам оваа претстава, со многу љубов ја игравме и се надевам дека уште поголема публика ќе ја гледа. Претставата носи една многу важна порака која е многу битно да се слушне денес, а тоа е дека различноста е идентитет над идентитетите, претставата е спој на 2 текста и на личните приказни на актерите и сето одлично склопено од режисерот Ќендрик Ријани – рече Вујошевиќ.

Вечер од 20 часот ќе им бидат врачени наградите на најдобрите и во нивна чест Театар Комедија ќе ја изведе претставата „Вистината“ со што ќе биде затворен 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ што од 6 до 13 јуни се одржуваше во Прилеп.

Поврзани содржини