Пресудата за Катица Јанева ќе ја урне „Империја“ како „Лисица против Хрватска“ во Стразбур

Кога државата ќе почне да ги злоупотребува судењата, настапува тиранија, вели професорот Калајџиев и се потсетува на случај што се водел во Европскиот суд за човекови права во Стразбур познат како „Лисица против Хрватска“ кој еклатантно покажува што се случува кога државата ги злоупотребува постапките.

13,663

Професорот Гордан Калајџиев кој беше и лидер на реформскиот процес на системот на кривичната правда во Македонија и еден од ретките кој отворено и јавно зборува и ги посочува гревовите на македонската судска правда предупредува за уште една голема неправда што може да се случи, откако Апелацискиот суд ја потврди првостепената пресуда зад која стојат петмина судии за осудените во случајот „Рекет“ според која поранешната специјална обвинителка за сторените злоупотреби ќе одлежи седумгодишна затворска казна.

Токму оваа одлука на апелациските судии со која ја запечатија пресудата за Катица Јанева, според професорот Калајџиев, повлекува запирање на истрагата за „Империја“ поради злоупотреба на постапката од страна на јавното обвинителство (аbuse of process).






– Кога државата ќе почне да ги злоупотребува судењата, настапува тиранија – вели професорот Калајџиев и се потсетува на случај што се водел во Европскиот суд за човекови права во Стразбур познат како „Лисица против Хрватска“ кој еклатантно покажува што се случува кога државата ги злоупотребува постапките.

Ако навреме не биде исправена неправдата, предупредува професорот Калајџиев во разговор за Плусинфо, цехот на крајот ќе го плати македонската држава, ако обесправените се пожалат во меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

– Abuse of process е правна доктрина позната во сите западни демократии, ако кривичната постапка има грешки таа се крпи со правни лекови, ако свесно се злоупотреби, мора да се запре – порачува Калајџиев.

Постапката е криво насадена од почеток, вели професорот. Почна незаконито, по истекот на рокот од Законот за СЈО, спротивно на одлуката на Врховниот суд, вели Калајџиев.

Тој потсетува на случајот „Лисица против Хрватска“ во кој Европскиот суд за човекови права донел пресуда во корист на оштетените поради повреда на правото на правично судење. Во истрагата на делото за кое биле осомничени обвинетите, хрватската полиција ги злоупотребила своите овластувања со што фрлила сомнеж на целиот случај, па обесправените по правосилната пресуда во матичната држава, но за жал, дури откако ја одежале затворската казна, правдата ја добиле во европскиот суд.

Станува збор за судски предмет кој во Стразбур го добиле сопружниците Златко и Мери Лисица, од местото Бибиње. Тие биле прогласени за виновни за грабеж на „Далматинска банка“ во центарот на Задар во мај 2000 година. Пресудата во нивна полза била донесена во 2010 година, откако двајцата ја издржале затворската казна. Европскиот суд за човекови права утврдил неправилности на полицијата при претресот на возилото на Златко Лисица, бидејќи тоа било направено без судски налог и без присуство на адвокатот на обвинетиот, потсетува професорот Калајџиев. Хрватската полиција извршила незаконски претрес, претресувала тајно и без судска наредба и со тоа поттикнала сериозни индиции за можно подметнување на докази против обвинетите што фрлило дамка на монтиран судскиот процес во Хрватска, а подоцна и на пресудата против дајцата обвинети. Тие, сепак, успеале да добијат правично судење во судот во Стразбур кој пресудил против хрватската држава.

Познат е и случајот со Роберт Пеша, поранешен потпретседател на хрватскиот фонд за приватизација, за кого највисоките судски органи , откако бил уапсен во „операцијата„ Маестро“, покренале низа обвиненија, ја прејудицирале неговата вина, но на крајот по макотрпна борба за правда овој хрватски функционер, добил ослободителна пресуда. Во пресудите на судот во Стразбур се споменува и пресуда против Жељко Грегачевиќ, осуден на четири години затвор за измама, но во судска постапка во Стразбур победил, бидејќи судот во матичната држава го повредил неговото право да подготви одбрана.

Тешкиот пат до правдата во хрватскиот предмет неслучајно се поистоветува со македоснкиот случај на обесправените во предметите на поранешното СЈО, односно на предметот „Империја“ во кој како поранешна шефица, неминовно  е инволвирана токму обвинителката пред која денеска се отворија вратите на затворот Идризово во Скопје со правосилна пресуда за седум години затвор поради сторени злоупотреби во својата служба. Во случајов, како што објаснуваат познавачите на правото и застапниците на правдата, токму злоупотребата сторена од страна на државата, чиј претставник е осудената поранешна специјална обвинителка ќе биде сериозен предизик и за европските судии во Стразбур да го разгледаат случајот во корист на правичното судење.

Петмината апелациски судии кои ја потврдија пресудата во „Рекет“ како доказ ја прифатиле и скандалозната снимка со купчето пари од 50.000 евра , што ја снимил осудениот на девет години затвор Бојан Јовановски, алијас Боки 13, како принос во кривичното дело на злоупотреба на службената положба и овластување на осудената Јанева, а гарнитурата била подарок за сработеното. И  после потврдата на апелациските судии за злоупотребите на Јанева во случајот „Рекет“, како може да се очекува, дека било кој ќе поверува, а  тешко на тој што ќе се нафати да суди обвинети во предмет кој е дел од кујната на осудената обвинителка, настрана што доказите за перењето пари во „Империја“ засега не виделе бел ден.

Ако Јанева, лежи седум години затвор затоа што ја злоупотребила службената положба и овластувања со рекет врз бизнисменот Јордан Камчев, а во меѓувреме додека во сега згаснатото СЈО, или во станот на Боки13 во Орман, или во нечиј друг кабинет, канцеларија, стан, се готвел рекетот се барале и докази за случај против оштетениот во „Рекет“, наводно собрани во нов предмет со кодно име „Империја“, тогаш истрагата треба да запре. Тука е јасна пораката на правните експерти поттикната од сериозните индиции дека е свесно направена злоупотреба.

Во овој контекст, интересна е изјавата на обвинителката Вилма Русковска во едно интервју на Канал 5 која негирајќи дека случајот „Рекет“ бил креиран за да се урне СЈО и предметот „Империја“ изјави:

– СЈО не го урна никој друг, освен Катица Јанева. Ако Катица се однесуваше како што треба, СЈО уште ќе постоеше. Ништо не е наштетено на случајот „Империја“. Предметот е даден на вештачање. Вештите лица сега ги вештачат доказите. Нема изгледи тој случај да застари. Перењето пари не застарува. Катица одговара затоа што земала пари за пуштање од притвор и после земала и други пари. За никого не можете да кажете дека е криминалец , додека нема правосилна пресуда – рече Русковска.

Оваа изјава на обвинителката е дадена во декември лани, па не е јасно дали вештаците вештачат или монтираат докази за перење пари, кога досега нема ни обвинение, само конструкции за пералница на пари во „Империја“ и офкања дека многу била сложена истрагата за финансиски криминал, требало многу време, тешко ги фаќале пипците. Пипците или радарите на налогодавачите во конструкцијата на уште еден монтиран случај во нашето со голема недоверба избербатено судство.

 

 

Поврзани содржини