Ѝ ПРЕСЕДНА РАДОСТА ОД ХРАНА ЗА НОСЕЊЕ Разрешена директорката на градинката „Детска радост“

497

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски ја разреши директорката на градинката „Детска радост“ поради прекршувања во работата.

– Утврдено е незаконско работење во градинката „Детска радост“. На предлог на Управниот одбор донесов одлука за разрешување на директорката. Незаконско работење нема да толерирам – соопшти градоначалникот Стефковски денеска на прес конференција.






Тој рече дека подолг период до него пристигнувале информации и индиции за незаконско работење на директорката на градинката „Детска радост“.

– Направено е прекршување на член 40 од Законот за јавни набавки. Во овој дел законските одредби упатуваат на соодветна постапка за секоја набавка чија вредност надминува 60.000 денари без ДДВ. Направено е прекршување на член 40 став 6 од Законот за јавни набавки, односно направени се набавки каде што е надминат годишниот законски максимум за мали набавки кој изнесува до 12.000 евра во една година. Би сакал да потенцирам дека со ова е направено и прекршување на членовите 275-в и 353-в од Кривичниот законик на Република Македонија. Направени се трошоци за репрезентација. Сите овие средства се потрошени за угостителски услуги. Ако се видат фискалните сметки ќе се утврди дека повеќето од нив се направени по завршување на работното време и во сметките е наведено дека е нарачувано и храна за носење – рече Стефковски.

Тој додаде дека бил набавен мебел, но не мебел за децата, туку за кабинетот на менаџментот. Во моментот на набавката на мебелот, согласно донесениот Годишен финансиски план за тековната година не биле предвидени средства за таква набавка, со што е направено прекршување на Законот.

– Со извршениот увид во налозите за користење на патничкиот автомобил сопственост на градинката за службени дејствија е констатирано, користење на возилото за приватни цели. Ревизијата има утврдено 8 наоди со што дава неповолно мислење по однос на примената на соодветните законски регулативи. Сите утврдени наводи во Извештајот на независниот ревизор се доказ дека во детската градинка „Детска радост“ се работело спротивно на повеќе закони, односно прекршени се повеќе закони – рече тој.

Управниот одбор на градинката „Детска радост“ по целосно спроведена постапка до градоначалникот Стефковски на 19.04.2023 година доставил барање за разрешување на директорката на градинката.

Според членот 125 став 5 од Законот за Заштита на децата, градоначалникот е должен во рок од пет дена од денот на добивањето на предлогот од управниот одбор да го разреши директорот.

 

Поврзани содржини