Пресадувањето коски дава надеж за пациентите со малигни болести
Беше извршена и првата трансплантација. Пациентката се чувствува добро и таа два месеци оди на штаки. За мене како директор тоа е големо задоволство, затоа што се заложивме сѐ помалку пациенти да се испраќаат на лекување во странство и да ја добиваат таа соодветна помош на Клиниката - додаде д-р Трајановски.
Околу 150 пациенти со малигни болести на коските годишно се лекуваат на Клиниката за ортопедија, каде за првпат е направена трансплантација на коскено ткиво на млада пациентка која има малигна болест на бутната коска на едната нога. Трансплантирана е со посебен систем за фиксација дел од коскеното ткиво што беше донирано од еден од починатите донатори во изминатиот период, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој ја посети Клиниката по повод одбележувањето на Месецот на остеосаркомите.
Тоа, посочи министерот, е една патологија што означува малигни заболувања на коскениот систем и ексклузивно се лекува тука на Клиниката за ортопедија.
Филипче потенцира дека благодарение на Германската амбасада која ја опреми Клиниката и со посебните специјални фрижидери, една форма на коскена банка, сега ова е веќе нов квалитет и отвора нова димензија.
– Изминатиот период многу разговаравме за тоа како да се унапредат условите, да се подобри квалитетот на здравствената услуга. Со реновирањето на едното крило и до крајот на годината практично и другиот дел од Клиниката за ортопедија значајно се подобруваат условите за лекување на пациентите кои се лекуваат и од овие малигни заболувања. Клиниката е позната по големиот број експерти кои огромен број години наназад се познати по своето искуство, знаење коешто го имплементират во делот на клиничката пракса, односно хируршкиот третман на овие заболувања за што заслужуваат секаква пофалба – рече Филипче.
Директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), асистент д-р Александар Трајковски рече дека се залага колегите кои се занимаваат со онколошката патологија за сѐ да ја имаат неговата поддршка.
– Оваа година се набавени туморски протези и за време на ковид-19 функциониравме, пациентите со малигни болести беа третирани, беа имплантирани три туморски протези на колено. Беше извршена и првата трансплантација. Пациентката се чувствува добро и таа два месеци оди на штаки. За мене како директор тоа е големо задоволство, затоа што се заложивме сѐ помалку пациенти да се испраќаат на лекување во странство и да ја добиваат таа соодветна помош на Клиниката – додаде д-р Трајановски.
Раководителот на Клиника за ортопедија, д-р Далип Јахја рече дека од минатата недела е отворен реновираниот оддел на Клиниката, каде се сместени пациенти со малигни заболувања на остеоартикуларниот систем.
– Работиме на тоа да се зголеми бројот на кревети за тие пациенти. Работиме сè што треба и ретки се случаите кои одат во странство. Имаме коскена банка и новиот фрижидер дониран од Германската амбасада – додаде д-р Јахја.
Раководителот на Одделот за ортопедска онкологија со коскено зглобна трансплантација, проф. д-р Милан Самарџиски истакна дека лекуваат саркоми, односно малигни тумори на сврзните ткива, како и метастази на коски од карцином. Саркомите, посочи, се многу смртоносни и ако не се лекуваат во рок од две-три години сто отсто од пациентите ќе починат.
Тој потенцира дека во нивната дијагностика и третман учествуваат ортопед, ортопедски хирург, патолог, онколог, радиолози и се намалува грешката односно пропустите во лекувањето и се зголемува ефикасноста.
– Во дијагностичкиот дел најважната работа е биопсијата која не треба да си дозволи секој да ја прави без да биде соодветно подготвен за тоа. За жал, во третманот на саркомите и карциномите не постои превенција. Раното откривање, правата дијагностика и упатување на соодветно место е од најголема важност – додаде д-р Самарџиски.