ПРЕМИЕРОТ НЕ Е АЈАТОЛАХ ЗА ДА ОДЛУЧУВА КОЈ ИМА СОВЕСТ Милошоски бара Собранието да го разреши Филипче

Претседателе Џафери очекувам од вас со прифаќање на одлуката за разрешување да покажете дека имате повеќе совест од премиерот Заев. Сметам дека не треба на оваа иницијатива да ѝ се бараат процедурални недостатоци, рече Милошоски.

723

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на денешната собраниска седница побара прва точка да биде одлуката за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче по стравотниот пожар во модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 лица.

– Изразуваме длабоко жалење за тоа што се случи во тетовската болница. По тој повод ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери предлагаат одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче. Сметаме дека тоа е најмалку што може да го направи Собранието, да ја констатира оставката на министерот Филипче, којшто сноси објективна одговорност за ваквата катастрофа, а за субјективната негова одговорност или на други чинители ќе се одлучува во истражна постапка. Предлагам оваа точка да биде прва на Дневниот ред и очекувам поддршка од сите пратеници, затоа што оставката како морален чин не треба да биде предмет на ничија истрага, тоа е оставка на човек кој што има или нема грижа на совест, а премиерот не е aјатолахот во Иран па да одлучува кој има совест, кој е морален или кој е неморален во државата. Затоа сметам дека Собранието како претставнички дом на граѓаните и претседателот на Собранието треба да ја прифатат оваа точка на дневен ред, да ја констатираме оставката и да може овој важен ресор да продолжи понатаму со посоодветна личност на чело на министерството за здравство, изјави Милошоски– рече Милошоски.






Во образложението на Предлог-одлуката се наведува дека се поднесува поради непрофесионално, ненавремено и неадекватно справување со пандемијата предизвикана од ковид-19 и последиците од неа.

„Ненавремено набавување на вакцини на кои претходеа со низа скандали за нивна набавка, недостиг на кадар, персонал, нехумани услови и нелогични мерки за справување и намалување на последиците од ковид-19. И за крај, ова разрешување наместо да беше оставка од морални и функционални причини, односно поради трагичниот настан којшто се случи во модуларната болница во Тетово каде што во пожарот животот го загубија 14 луѓе, ќе биде разрешување по барање на народот преку пратениците во Собранието. Нефункционалноста на Министерството за здравство раководено од министерот Венко Филипче покажа дека не е способен да се грижи за граѓаните и нивното здравје. Напротив, тоа предизвика губење на 14 животи“, пишува во образложението на Предлог-одлуката.

Поврзани содржини