ПРЕМИЕРОТ ДАВА ПОЛИТИЧКИ ИЗЈАВИ ЗА РАБОТАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО Коцевски тврди дека постапуваат по сите кривични пријави што стигнале од надлежните органи
Дали се стотици пријави, повеќе или помалку не знам, но, досега сите извештаи и кривични пријави што ни се доставени од надлежните органи се заведени и по нив се постапува, рече обвинителот Љупчо Коцевски во врска со обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски дека МВР, УЈП, финансиската полиција и други органи досега поднеле стотина кривични пријави, но ЈО не постапува.
Обвинителството постапува по сите кривични пријави што ги поднесуваат надлежните органи, рече денеска републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски на брифинг со новинарите.
Тој беше прашан за коментар во врска со обвинувањата на премиерот Христијан Мицковски искажани од собраниската говорница дека повеќе надлежни органи, како МВР, УЈП, финансиската полиција итн. поднеле стотина пријави до ЈО за сторен криминал во државните институции, но Обвинителството не реагира.
– Тоа е политичка изјава. Дали се стотици пријави, повеќе или помалку од сто, бројката конкретно не можам да ја посочам, меѓутоа можам да кажам дека досега сите извештаи и кривични пријави што ни се доставени од надлежните органи се заведени и по нив се постапува. И Државниот завод за ревизија достави ревизорски извештаи каде евентуално постои сомнеж или индиции за некакво кривично дело и од страна на ЈО се преземаат дејствија по сите до еден извештаи. Соработката ни е одлични и очекуваме наскоро и исход на тие постапки. Но, ревизорски извештај е една работа, а истрага е друго и не може јавнообвинителска одлука да се заснова само на извештај од ДЗР. И сите останати известувања, пријави и поднесоци за евентуални злоупотреби, се заведени во ЈО и се постапува – изјави Коцевски
Во однос на институтот „допрен глас“, на брифингот беше посочено дека првично е на правосудната полиција, финансиската полиција, на царинската управа или на МВР да го почне процесот за откривање на евентуалното кривично дело.
– Институтот допрен глас е посебен и ЈО постапува тогаш кога има елементи на кривично дело. ЈО два пати постапуваше по допрен глас во Клиничкиот центар, за компресорите и за исклучувањето на фрижидерот со реагенсите, затоа што ЈО се сомневаше за евентуално кривично дело тероризам или саботажа и веднаш постапи. ЈО по допрен глас не може да постапува по секоја информација од медиуми или од партии – рече Коцевски.
Обвинителот Гаврил Бубевски објасни дека по допрен глас треба да постапува секој орган кој работи на откривање на кривични дела.
Државниот обвинител Коцевски даде пример:
– Премиерот Мицкоски на почетокот на мандатот кажа дека има дупка во државниот буџет од 200 милиони евра. Јас како државен обвинител, со ОЈО Скопје и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ангажиравме двајца обвинители и истражители кои отидоа до Министерството за финансии. За да се истражи тврдењето за дупката во буџетот, ЈО треба да ги земе сите компјутери во Министерството, за да ги собере сите докази, но тогаш државата не може да функционира. Обвинителите ѝ објаснија на министерката за финансии за институтот допрен глас и ѝ беше укажано на кој начин ние може да постапиме. Не е возможно ЈО да постапи по секој допрен глас – рече обвинителот Коцевски.