ПРЕМИЕРНО ИЗВЕДЕНА „АМАДЕУС“ НА ОХРИДСКО ЛЕТО Режисерот Цветановски и изведбата на Турскиот театар отворија прашања за генијалноста и за просечноста
Драмскиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер донесе премиера на театарската претстава „Амадеус“ од Петар Шефер, во режија на Андреј Цветановски, а во изведба на Турски театарот од Скопје.
Селпин Ќерим, Јеткин Сезаир, Слаѓана Вујошевиќ, Аксел Мехмет, Џенап Самет, Бурханедин Ибрахим, Емине Халил, Озан Илдриз и Игбал Саидова на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ покажаа врвна актерска игра, носејќи ја приказната за Моцарт и за неговите талент и генијалност.
– Оваа претстава зборува за едно чувство што го носиме многумина од нас уметниците, а тоа се јавува секогаш кога ќе дојдеме во контакт со генијалноста на некакво поле. Моцарт бил еден од тие луѓе, некако во своето време непризнаен од публиката и од општеството бидејќи бил најверојатно пред своето време. Само Салиери кој можел да ја препознае таа генијалност пробува да го рационализира фактот дека тоа не е можно да е некој човек, туку мора Господ да зборува преку него. Тоа претставува еден триаголник на борба помеѓу Салиери, Господ и инструментот на Господ – Моцарт. Низ таа призма се обидовме да создадеме, и мислам дека создадовме претстава којашто тече како една музичка партитура. Се надевам дека публиката уживаше во неа и се надевам дека успеавме да ги отвориме тие прашања за генијалноста и за просечноста, како што би рекол Салиери, и судирот меѓу двете – рече режисерот Андреј Цветаноски.
Цветаноски не го поставува Шефер првпат на сцената. Според него, актерите од Турскиот театар се посебни по многу нешта.
– За мојата дипломска работа ја работев претставата „Салиери“ според текстот „Амадеус“ од Питер Шефер и уште тогаш бев решен и сакав уште еднаш да ја поставам пак, со повеќе ликови бидејќи првата беше доста камерна. Многу ми е драго што соработувам со Турскиот театар и заедно со нив најдовме заеднички јазик во однос на тоа да се оствари таа моја желба да го работам „Амадеус“ повторно бидејќи турскиот ансамбл е навистина посебен по многу нешта а најмногу по подготвеноста да играат заедно и да играат во рамките на концептот за којшто сме се договориле и тоа да го прават до крај – појасни Цветаноски.
Сценографијата во театарската претстава „Амадеус“ е на Сергеј Светозарев, а костимите ги изработи Раде Василев.
– Многу често знаеме да избегаме надвор и да се споредуваме со другите. Да го споредуваме нашиот порив за креација со туѓиот порив за креација, начинот на изведбите. Без разлика на тоа што тука станува збор за музички изведувачи, тоа го има и меѓу актерите, и меѓу сликарите и меѓу другите уметници. Пораката на оваа претстава е да се остане во контакт со себеси, да не се бара ништо надвор, да се биде свој, да се остане оригинален. Но она што од друга страна е важно за овој текст е тоа дека станува збор за еден уметник кој не бил разбран од својата околина. Моцарт не успеал да успее во своето време – рече актерката Слаѓана Вујошевиќ која е дел од турскиот актерски ансамбл.