ПРЕКУ АЛГОРИТМИ ЌЕ СЕ ОДРЖУВА ЕНЕРГЕТСКАТА ИНФРАСТРУКТУРА Андоновски вели дека 20 услуги во енергетиката се веќе дигитализирани

Според министерот за дигитална трансформација дигиталната трансформација во енергетиката е подобра ако се реализира со регионална соработка.

118

Предвидување на побарувачката и одржување на енергетската инфраструктура преку алгоритми како и пристап до лаборатории и обука за вештачка интелигенција, сајбер безбедност и автоматизација се новините дигитални иницијативи во енергетиката кои ги објави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Тој во обраќањето на сесијата „Дигитализација на енергетските системи – Забрзување на дејствијата преку координација и иновации” во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој, рече дека  овие иницијативи се дел од стратегијата SMART/MK 2030, визија за дигитална, зелена и човеково-центрирана трансформација, целосно усогласена со европската Дигитална декада.






– Националниот центар за вештачка интелигенција – „Везилка” развива АИ модели за предиктивно одржување на енергетската инфраструктура и предвидување на побарувачката, а европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT, кој ги поврзува академијата и приватниот сектор, обезбедува пристап до лаборатории и обуки за вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и автоматизација – рече Андоновски.

Тој информираше во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, веќе имаат дигитализирано повеќе од 20 јавни енергетски услуги за граѓаните и бизнисите, а се воведува интегрирани системи за документи и финансиско планирање.

Андоновски рече дека дигиталната трансформација на енергетските системи бара регионална координација и заеднички пристап.

-Предизвиците се премногу комплексни за која било држава да ги решава сама. Затоа регионалната соработка е нашиот множител на успех – рече тој.

Андоновски порача дека дигитализацијата е новата енергија на управувањето, создавајќи ефикасност, транспарентност и отпорност во сите сектори, особено во енергетиката.

– Дигитализацијата е мостот што ги поврзува растечката енергетска побарувачка и потребата од декарбонизација. Таа овозможува секој ват, секој киловат-час и секоја политичка одлука да бидат попаметни, почисти и поинклузивни – рече Андоновски.

Тој потенцираше дека дигитализацијата не е само технички процес, туку нов начин на размислување и управување – поврзување на податоците, институциите и граѓаните во корист на одржливи политики и зелена енергија.

Министерот Андоновски го презентираше напредокот што Македонија го постигна во дигиталната трансформација преку три клучни системи: националната платформа за интероперабилност, што поврзува 74 институции и овозможува над 2 милиони безбедни трансакции месечно – зголемување од 160% во однос на минатата година; националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk, преку кој граѓаните добиваат јавни услуги онлајн и електронскиот систем за управување со документи (eDMS), кој го замени хартиеното работење во над 80 институции.

– Овие системи не се само административни алатки; тие се темелот на ефикасното управување, интегритетот на податоците и транспарентноста – рече Андоновски.

Поврзани содржини