ПРЕКИНУВАЊЕТО НА РАБОТАТА НЕ Е ОПЦИЈА ЗА НАС Макстил со сите сили се обидува да се справи со енергетската криза
Првите луѓе на компанијата велат дека неодамна, преку комората истапиле со предлог мерки до владата со кои ќе може да им се помогне за да го пребродат овој период.
Макстил работи и на повеќе начини бараме решение да го амортизираме ударот од цената на енергенсите така за да не се одрази врз вработените. Прекинувањето со работа не е опција за нас, нѐ информираше раководството на АД Макстил, фабрика која во Македонија е втор најголем потрошувач на електрична енергија, по ФЕНИ, од каде што беше најавено дека вработените ќе бидат испратени на принуден одмор поради енормно зголемените трошоци.
Вака за Плусинфо одговорија првите луѓе на компанијата, откако ги прашавме какви се нивните планови за следниот период кога се очекува значително зголемување на цената на електричната енергија, но и можно воведување рестрикции на струјата.
– Самостојно бараме начини како да се снабдиме со електрична енергија за континуирано производство и како да ги покриеме огромните трошоци за купената електрична енергија. Трошоците секојдневно растат, како што растат цените на берзите. На основните трошоци за набавка на електрична енергија се надоврзуваат и тарифите за дистрибуција и пренос на електрична енергија, што е исто така голема ставка – велат од Макстил за Плусинфо.
Првите луѓе на компанијата велат дека неодамна, преку комората истапиле со предлог мерки до владата со кои ќе може да им се помогне за да го пребродат овој период.
– Побаравме да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, а нашите очекувања се да добиеме конкурентна цена која би се движела на исто или слично ниво како што ја плаќа индустријата во регионот. Исто така, побаравме максимизирање на државното производство на електрична енергија и вишоците на електрична енергија произведена од ЕСМ да се понудат на индустријата по производна цена, како и намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за електрична енергија (трговија, пренос, дистрибуција и балансирање) – велат од компанијата.
Како што нѐ брифираа, дадени се барања и за природен гас, исто да се субвенционира цената за индустријата, да се набави природен гас од други извори, различни од постојниот (Газпром) и истиот да се продаде по набавна цена на индустријата.
– Побаравме да се обезбеди пристап до цевководот за природен гас за набавка и употреба на гас со потекло од други земји и производители освен Газпром. Исто така, да се субвенционира тарифата за пренос на природен гас, да се овозможи употреба на алтернативни горива во услови на високи цени на природниот гас. Моментално алтернативни горива може да се користат само доколку недостасува гас и намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за природен гас – објаснуваат од Макстил за Плусинфо.
Инаку пред неколку дена во гостувањето на Топ тема на ТВ Телма, претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија, Игор Ѓерасов рече дека моментално 1.900 вработени се на принуден одмор со примања од 70 проценти од просечната плата на три големи компании, а се очекува и затворање на Железница бивша Макстил во декември и јануари.
– Значи моментално во компаниите ЕУРО НИКЕЛ Индустри, Боров Дол Бучим, Радовиш, и 11 Октомври фабрика за производство на цевки околу 1900 вработени се на принуден одмор со 70 проценти од просечната плата. Во најава се и големите индустриски капацитети Железарница бивша Макстил, со сигурност нема да работат во декември и јануари, додека ладна валалница е во предвремен ремонт и ресурсите ги репрограмираат за да можат да ја пребродат оваа криза. Тука конкретно и директно се загрозени моментално околу 2.500 до 3.000 вработени – посочи претседателот на СИЕР Ѓерасов.
Некаде од почетокот на овој месец околу 1.000 вработени во Еуроникел Индустри, поранешно ФЕНИ во Кавадарци, се дома откако компанијата реши да ги испрати на принуден платен одмор поради енормното поскапување на електричната енергија и го затвори производствениот погон.
Вработените доаѓаат на работа само една недела од месецот, а за тоа земаат 70% од платата. Им било кажано дека работите ќе останат вака до 15 декември, а што ќе се случува понатаму – не знаат.
– Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства и притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес. Во меѓувреме, преземени се сите соодветни мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од страна на државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот. Паралелно на ова, реализацијата на нашите планови за енергетска независност подразбираат и институционална поддршка, која се надеваме соодветно ќе ја добиеме, а во интерес на компанијата, вработените, добавувачите и сите останати засегнати страни, и секако во интерес на националната економија, ако се земе предвид дека Еуроникел е еден од најголемите работодаваци, втор најголем извозник, со значаен придонес кон бруто домашниот производ – објаснија од компанијата.