„ПРЕГОВОРИ? ПРВО УКИНЕТЕ ЈА БЛОКАДАТА“ Иран се огласи по продолженото примирје
Иран условува нови преговори со укинување на американската блокада. Во меѓувреме, тензиите растат на копно и на море.
Иран е подготвен за нова рунда разговори со САД само доколку биде укината блокадата и престанат прекршувањата на примирјето, изјави амбасадорот на Иран во ОН Амир-Саид Иравани, пренесува Ал Џезира.
Тој постави јасен услов за продолжување на дијалогот. Без укинување на блокадата, разговори нема да има.
– Штом блокадата ќе биде укината, следната рунда разговори ќе се одржи во Исламабад – изјави Иравани.
Тој додаде дека Иран е подготвен за секое сценарио. Нагласи дека не ја започнал војната. Посочи дека одлуката зависи од потегот на САД.
– Ако бараат политичко решение, ние сме подготвени. Ако бараат војна, Иран е подготвен и за тоа – вели Иравани.
Пораката доаѓа во момент кога претседателот на САД прогласи продолжување на двонеделното примирје со Иран. Западите медиуми на големо ја коментираат одлуката на Трамп како „неочекувана“.
Преговорите се топат?
Подготовките за нова рунда разговори продолжуваат во Исламабад. Сепак, оптимизмот опаѓа. Веројатноста за средба оваа недела се намалува.
Иран сè уште не испратил делегација. Ситуацијата останува неизвесна. Дипломатските канали се отворени, но тензиите растат.
Иран нападна брод, САД уште блокираат
Техеран повторно се закани со напади врз американски и израелски цели. Висок воен командант предупреди и соседни земји. Рече дека може да останат без нафта ако дозволат напади од нивна територија.
Утринава беше објавено дека Иран нападнал брод со контејнери кај Оман во Персискиот Залив. Според иранската страна бродот не ги слушал предупредувањата од командата. Оштетен бил командниот мост на бродот.
Во меѓувреме, САД ја задржуваат блокадата на иранските пристаништа. Финансиските плаќања кон Ирак се суспендирани.
Кризата се шири, „Луфтханза“ откажува летови
Европската Унија подготвува мерки за енергетската криза. Се разгледува намалување на даноците за струја. Планирано е и координирано полнење на гасните складишта.
Авиоиндустријата веќе реагира. Познатата авиокомпанија „Луфтханза“ најави откажување на 20.000 летови. Причина е растот на цените на горивото.