ПРЕДУПРЕДУВАЊА ЗА ОПАСНО ВРЕМЕ ВО САД Се заканува торнадо, чадот од пожарите во Канада сѐ уште го загадува воздухот
Метеоролозите сепак очекуваат дека најавениот студен фронт во наредните денови ќе придонесе за постепено подобрување на квалитетот на воздухот, кој со денови е нарушен поради чадот од големите шумски пожари што беснеат во североисточна Канада.
Повеќе од 50 милиони жители на североисточниот дел на САД и на регионот на Средниот Атлантик се изложени на ризик од силни временски непогоди, додека чадот од шумските пожари во Канада и натаму го влошува квалитетот на воздухот, јавуваат американските медиуми.
Предупредување за опасни временски услови е издадено за подрачјето од долината на реката Охајо, преку Средниот Атлантик, па сè до североистокот на земјата, пренесува телевизиската мрежа Си-Би-Ес њуз. Во градовите Њујорк, Вашингтон, Филаделфија, Питсбург и Кливленд се очекуваат силни ветрови, крупен град, поројни поплави, како и можност за појава на изолирани торнада.
За Филаделфија и за Вашингтон е активирано и предупредување за можна појава на торнадо до 21 часот по локално време, со ризик од јачина од категоријата ЕФ-2. Истовремено, американската Национална метеоролошка служба предупреди дека на потегот од Вашингтон до Бостон постои сериозна опасност од локализирани поројни поплави, бидејќи со приближувањето на студен фронт се очекуваат повеќе последователни бранови на силни бури со грмежи.
Во Њујорк веќе беше во сила предупредување за поплави додека метрополата се подготвуваше за силни налети на ветер. Метеоролозите сепак очекуваат дека најавениот студен фронт во наредните денови ќе придонесе за постепено подобрување на квалитетот на воздухот, кој со денови е нарушен поради чадот од големите шумски пожари што беснеат во североисточна Канада.
Премиерот на канадската провинција Онтарио, Даг Форд, ги оцени како „апсолутно неприфатливи“ критиките на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека Канада е одговорна за чадот од шумските пожари што се прошири над голем дел од САД.
– Се обидуваме со сите сили да се справиме со ситуацијата. Ако вакви пожари беснееја во САД, ние без двоумење ќе бевме таму за да им помогнеме на нашите соседи – изјави Форд на прес-конференција.
Трамп во петокот директно ја обвини Канада за еколошкото загадување предизвикано од чадот од шумските пожари и најави дека „непресметливите трошоци“ за справување со здравствените и со економските последици ќе бидат додадени на веќе постојните американски царини за канадските производи.
Според податоците што ги изнесе Форд, во најнаселената канадска провинција годинава досега изгореле околу 655.000 хектари шума.
– Срцето ми се кине за луѓето што ги загубија своите домови и сопствените бизниси – рече Форд, повикувајќи го Трамп итно да ги укине царините за увоз на канадско дрво. Тој оцени дека укинувањето на американските давачки за мекото дрво би придонело за поефикасно долгорочно управување со шумите и би помогнало во справувањето со сегашната вонредна состојба.
Густ чад од стотици активни шумски пожари во Канада оваа недела зафати голем дел од територијата на САД, поради што американските власти беа принудени да издадат вонредни предупредувања за екстремно влошен квалитет на воздухот.