ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО НЕ ПРОПАЃААТ Судот во Стразбур ја отфрли жалбата за поништената аболиција на Иванов

Европскиот суд за човекови права во Стразбур одлучуваше по жалбата поднесена од осуммина граѓани на Република Македонија од 2020 година.

2,626

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери.

ЕСЧП одлучуваше по жалбата поднесена од осуммина граѓани на Република Македонија од 2020 година.






Одлуката на Судот е достапна на следниот линк.

Станува збор за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од април 2016 година. Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување.

Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести. По реакциите во јавноста, беа донесени измени на Законот за помилување со што се отвори простор за повлекување на аболициите.

Пендаровски ја поздрави одлуката

Претседателот Стево Пендаровски ја поздрави одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесена утрово со која се отфрла тужбата против Република Северна Македонија.

„По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на Обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур. Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Ковачевски: Ова е победа и на државата и на правдата

Одлуката на Европскиот суд за човекови права е огромна победа и огромен успех на нашата држава. Македонскиот тим навистина даде сѐ од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со одлуката на ЕСЧП којшто ја отфрли како недопуштена жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година.

– Би сакал да изразам голема благодарност за нивната посветена работа во текот на изминатиот период. Со одлуката на судот во Стразбур, која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени, вклучително и во делот за наводните помилувања. Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите, се целосно уважени од страна на Судот во Стразбур – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање по отворањето на детската градинка „Сонце“ во Волково.

Според него, особено е важно да се истакне дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на европската Конвенција за заштита на човековите права.

– Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката судот смета дека жалбата на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови. Ние сме држава членка на Советот на Европа, Нашата посветеност на владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредности, кои ја поткрепуваат се неспорни, во голем број други случаи. Дополнително како држава, која води преговори со ЕУ, со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, факт е дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за нас – оцени Ковачевски.

Премиерот наведе дека со оглед на фактот на кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите, и оваа одлука, се сѐ уште во тек пред домашните судови, би се воздржал од дополнителни коментари, со цел, како што рече, „за да нема недоразбирања и да се протолкува како влијание на тамошните процеси“. 

Маричиќ: Помилувањата немаат законска основа

Вицепремиерот за европски прашања и поранешен министер за правда, Бојан Маричиќ, во однос на одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, којшто утрово ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година, оцени дека правната држава победи, а помилувањата немаат законска основа.

„Ја поздравувам денешната одлука на Европскиот суд за човекови права која е во полза на државата, според која жалбите на апликантите во целост со наводните помилувања се недозволени. Со одлуката, Судот смета дека жалбите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови и дека нема прекршување на човековите права“, објави Маричиќ на својата официјална Фејсбук страница.

Вицепремиерот додава дека постапките продолжуваат пред домашните судови, бидејќи е нелегитимно да се прескокнуваат македонските судови.

„Можеби Европскиот суд е искористен во овој случај како алатка за одолговлекување на постапките, но сепак владеење на правото е неприкосновен принцип“, смета Маричиќ.

Исклучително важно е, подвлекува тој, да има спроведена правда која граѓаните ја очекуваат, а која ќе се нотира позитивно во извештаите на Европската комисија во делот почитување на владеење на правото во Северна Македонија.

Тој изразува благодарност до стручноста и посветеноста на правниот тим за успехот во застапувањето пред Европскиот суд за човекови права.

Поврзани содржини