ПРЕДЛОЖЕНАТА АДВОКАТКА ДАНГОВА-ХУГ НЕ ГИ ИСПОЛНИ КРИТЕРИУМИТЕ НА СТРАЗБУР Одбиен предлогот за македонски претставник во Европскиот суд за човекови права
На нејзино место до Судот во Стразбур е доставен нов предлог - адвокатката Јелена Ристиќ.
Тело на Советот на Европа го одби предлогот македонската адвокатка Ана Дангова-Хуг да биде еден од тројцата канидидати на листата за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, објави Телма.
Таа на листата се најде во мај, откако Советодавниот панел на експерти на Советот на Европа даде идентично образложение – дека предложениот кандидат адвокатот Јордан Апостолски не ги исполнува условите.
Сега, по негативното мислење за адвокаката Дангова-Хуг, на листата од тројца кандидати е предложено ново име. Станува збор за адвокатката Јелена Ристиќ.
Овие информации за Телма ги потврди и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој е и претседател на Комисијата за избор на судија од земјава во Европскиот суд за човекови права.
– Има известување од експертскиот панел дека третопредложениот кандидат, адвокатот Дангова, не ги задоволува во целост условите и критериумите пропишани од Советот на Европа за судија во Европскиот суд за човекови права. Комисијата се свика, одржа состанок на 20 август и донесе едногласна одлука адвокатот Јелена Ристиќ да биде новиот канидидат – изјави Костадиновски.
Постапката за избор на судија од Македонија во Стразбур трае веќе една и пол година. Оттогаш таа помина низ редица контроверзии и многу препреки.
Костадиновски се согласува дека постапката трае предолго, но е оптимист дека овојпат таа ќе резултира со избор на судија од земјава во ЕСЧП, ако не на октомвриската сесија на Советот на Европа, тогаш на онаа во јануари. До изборот на нов судија, функцијата судија во Стразбур продолжува да ја врши обвинителот Јован Илиевски.