Предлог-законот за учебници повторно е отворен за сугестии, дебати ќе има во септември
Министерката за образование вели дека ставот на МОН и на Владата е дека нема да има отстапки од процесот што е почнат – дигитализацијата која е единствен излез за ученици да станат подобри.
Предлог-законот за учебници кој Владата го повлече од собраниска процедура за да биде на јавна расправа, повторно е отворен за сугестии и предлози, информира денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
Царовска не прецизираше кога Предлог-законот повторно ќе биде вратен пред пратениците, но рече дека дебати за него ќе има во септември. Законот е поставен на Националниот систем на прописи (ЕНЕР).
– Сега е летен период и ги чекаме експертите. Тој беше достапен на ЕНЕР повеќе од два месеца и сите аргументи беа земени предвид во финалното решение. Сега повторно тој е отворен и граѓаните може да испраќаат коментари, а имаше и претходно мејл-адреса. Очекувам да направиме рунда на дебати од септември, кога сите ќе се вратат од летните одмори и потоа да одлучиме како ќе го пуштиме законот во Собрание, иако ставот на МОН и на Владата е дека не отстапуваме од процесот што е почнат – дигитализацијата која е единствен излез за нашите ученици да станат подобри – рече Царовска.
Таа додаде дека подготовките за прво и за четврто одделение се речиси готови – има нова концепција и нови наставни програми и материјали за учење што ги подготвува Бирото за развој на образованието.
– Очекувам дека по третата обука на наставниците во август ќе бидеме целосно подготвени и сите предизвици ќе се решаваат во тек. Но, стартуваме поподготвени од која и да е друга наставна програма која се донела во нашата држава. Дигитализацијата во образованието е нужна и не е прашање дали нашата држава сака или не сака, туку мора да фатиме чекор со светот и глобалните процеси. Тоа го покажа и пандемијата – да сме почнале пред десетина години со дигитализацијата, веројатно немаше да имаме цело полугодие на приспособување на образовниот систем во првата година од пандемијата, туку ќе бевме спремни – рече Царовска.
Таа рече дека има три сценарија за почеток на новата учебна година. Првото е физичко присуство на учениците, ако продолжи стабилната епидемиолошка состојба.. Второто настава на далечина, како во изминатата учебна година, ако се влоши состојбата и терто хибриден модел т.е. неделно ротирање на учениците во две групи за настава во училиштата и онлајн од дома.