Предлог за заедничка изјава на владите на Бојко Борисов и на Зоран Заев

Со еден реалистичен и иновативен пристап и со многу добра волја, се разбира, може да се создаде документ со кој двете страни ќе можат спокојно да се согласат, документ кој ќе означи чекор напред во односите меѓу Софија и Скопје.

5,753

Загрижен поради неповолниот тренд во односите меѓу Бугарија и Македонија, кој се заканува да го загрози Договорот за добрососедство што го потпишаа премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев, си земам слобода на двете влади да им предложам да потпишат Заедничка изјава, со која ќе го реафирмираат Договорот и ќе дадат поттик за запирање на непријателствата.

Се разбира, Заедничката изјава не може да биде само гола декларација, таа мора да ги адресира клучните спорни прашања и да понуди решенија. Убеден сум дека тоа може да се стори со еден реалистичен и иновативен методолошки пристап. Иако знам дека ќе ми биде замерено на претенциозноста, можеби и на наивноста, си зедов слобода да го скицирам најважниот дел од текстот на документот што предлагам да го потпишат тие што го почнаа процесот, премиерите Борисов и Заев.






Еве, ова е тој драфт:

Заедничка изјава на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија

Потврдувајќи ја определбата за имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, потпишан на 1 август 2017 година во Скопје (во натамошниот текст: Договорот), заради потребата од натамошно подобрување на соработката врз основа на меѓусебна доверба, разбирање, добрососедство и заемно почитување на интересите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија, владите на договорните страни ја даваат следната заедничка изјава:

1. Владите на договорните страни изјавуваат дека Република Северна Македонија и Република Бугарија немаат претензии една кон друга спротивни на принципите на меѓународното право и на искажаната определба за развој на пријателство, добрососедството, мир и стабилност во регионот.

2. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека темелите на македонската држава се положени на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.

2а. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека идеите за посебноста на македонскиот народ и за создавање македонска држава имаат подолга историска генеза, а особено се присутни во втората половина на 19 и во првата половина на 20 век, во периодот на распаѓањето на Османлиското царство, забележливи во активностите на револуционерните организации, во делата на револуционерите и на преродбениците, кои на разни начини се борат за создавање автономна или независна македонска држава.

2б. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека го нотира доминантниот наратив во официјалната бугарска историографија, според кој создавањето на македонската држава на крајот на Втората светска војна е политички проект на Комунистичката интернационала и на југословенските комунисти на чело со Јосип Броз Тито, насочен против интересите на бугарската држава.

2в. Владите на договорните страни изјавуваат дека разликите во историските наративи опишани во точките 2а и 2б не можат да бидат основа за меѓудржавен спор и за непочитување на Договорот.

2г. Владите на договорните страни изјавуваат дека во духот на меѓусебното пријателство, ќе вложат максимални напори со конструктивен дијалог постепено да се надминувааат разликите во историските наративи опишани во точките 2а и 2б.

3. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека македонскиот јазик е кодифициран со Решението на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава, со Решението на Президиумот на АСНОМ од 5 мај 1945 година за македонската азбука и со официјалното усвојување на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година. Македонскиот јазик е меѓународно признат на Третата конференција на ООН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година.

3а. Владата на Република Македонија изјавува дека развојот на македонскиот јазик е процес кој трае долг период во историјата и се потпира на старословенскиот, најстариот словенски книжевен јазик, како книжевна основа, на централното македонско наречје како народна основа, на фонетскиот правопис и на лексичкиот фонд што вклучува избор од сите македонски дијалекти.

3б. Владата на Република Северна Македонија разбира дека во периодот пред стандардизацијата на македонскиот литературен јазик, на поширокиот простор во регионот кој историски се именува како Македонија, а кој ја опфаќа и територијата на денешна Северна Македонија, доминантна е официјалната и писмената употребата на бугарски јазикот и писмо, како и на разните дијалектни форми кои произлегуваат од заедничките корени на двата јазика.

3в. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека го нотира доминантниот наратив на бугарската лингвистика, според кој официјалниот македонски јазик, по своето потекло и структурно-типолошки карактеристики, е југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик.

3г. Владите на договорните страни изјавуваат дека разликите во историските наративи опишани во точките 3а, 3б и 3в не можат да бидат основа за меѓудржавен спор и за непочитување на одредбите од Договорот.

4. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека ги познава историските факти дека најзначајните преродбеници и револуционери, кои ги промовираат своите идеи и активности за автономна или независна Македонија, кон крајот на 19 и во почетокот и првата половина на 20 век, дејствуваат под директен патронат на бугарската држава и/или на бугарската егзархија, а голем дел од нив и се изјасниле дека се Бугари.

4б. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека историските факти опишани во член 4 ги разбира во контекст на исто така неспорниот историски факт дека Бугарија и посебно Софија, во периодот на распаѓањето на Османлиската империја, се центри кои им овозможуваат и ги поттикнуваат револуционерите, преродбениците и организациите да ги спроведуваат активностите за развој на чувството на Македонија како посебна историска, културна и јазична заедница и за создавање посебна, автономна или независна македонска држава, поради што тие ентитети се нарекуваат македонски.

4в. Владата на Република Северна Македонија го нотира доминантниот наратив на бугарската историографија, според кој фактите опишани во член 4 се доказ за бугарскиот карактер на процесот на создавање македонски јазик и на македонска држава.

4г. Владите на Република Северна Македонија и на Република Македонија изјавуваат дека разликите во историските наративи опишани во точките 4а, 4б и 4в не можат да бидат основа за меѓудржавен спор и за непочитување на Договорот.

5. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека приклучувањето на бугарската држава кон Силите на Оската од 1 март 1941 година до 8 септември 1944 година и учеството во окупацијата на дел од просторот на Кралството Југославија кое ја опфаќа територијата на денешна Северна Македонија, не може да се смета за грев на бугарскиот народ, кој својата волја ја реализира со приклучувањето кон антифашистичката коалиција после 8 септември 1944 година и со учеството во завршните борби за ослободување на регионот и на Европа од фашистичката окупација.

5а. Во смисла на член 5, Владата на Република Северна Македонија изјавува дека ќе ги охрабрува сите државни органи и приватни ентитети да ја избегнуваат идентификацијата на термините „фашистички“ и „бугарски“, а посебно во навредлив контекст.

5б. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека одлучно ги почитува и ги промовира историските факти кои недвосмислено покажуваат дека ослободувањето на Македонија од фашистичкиот окупатор е дело на Македонците, кои во Втората светска војна имаат положено околу 25.000 жртви во борбата која завршува со создавање македонска држава со изворен суверенитет, во рамките на југословенската федерација.

5в. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека ги нотира доминантните наративи на бугарската историографија, кои улогата на бугарската држава на просторот на денешна Северна Македонија ја сметаат за администрирање, до кое доаѓа на повик на локалното бугарско население.

5г. Владите на договорните страни изјавуваат дека разликите во историските наративи опишани во точките 5а, 5б и 5в не можат да бидат основа за меѓудржавен спор и за непочитување на Договорот.

6. Владата на Република Северна Македонија, согласно со ратификуваните референтни меѓународни коннвенции, во духот на највисоките европски стандарди, изјавува дека ќе ги почитува и ќе ги штити човековите права на нејзините граѓани кои се изјаснуваат како Бугари.

6.а. Владата на Република Северна Македонија изјавува дека нејзината грижа за граѓаните на Бугарија кои се изјаснуваат како Македонци претставува очекување Владата на Република Бугарија да ги почитува и да ги штити нивните човекови права, согласно со ратификуваните референтни меѓународни коннвенции, во духот на највисоките европски стандарди.

6.б. Владите на Република Северна Македонија и на Република Македонија изјавуваат дека сите евентуални спорови и недоразбирања кои се однесуваат на точките 6 и 6а, двете страни ќе ги решаваат со толерантен дијалог, во духот на меѓусебното пријателство.

Кусо образложение на методолошкиот пристап

Заедничката изјава нуди битен компромис од македонска страна. Во точките од 2 до 6, Владата на Заев ќе се согласи дека темелите на македонската држава се положени на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, дека македонскиот јазик е кодифициран во 1944-1945 година, дека најзначајните преродбеници и револуционери, кои ги промовираат своите идеи и активности за автономна или независна Македонија, кон крајот на 19 и во почетокот и првата половина на 20 век, дејствуваат под директен патронат на бугарската држава и на Бугарската егзархија, а голем дел од нив и се изјасниле дека се Бугари, дека учеството на бугарската држава на страната на силите на Оската во Втората светска војна не е грев на бугарскиот народ и дека ќе ги почитува и ќе ги штити човековите права на нејзините граѓани кои се изјаснуваат како Бугари.

Во моментов, тоа се клучните барања од бугарска страна. Но, значајно е тоа што во другите точки од изјавата македонската влада ги контекстуализира базичните изјави, согласно со нашите разбирања на историските факти и процеси. На пример, ние велиме „да, македонскиот јазик е кодифициран во 1944-1945 година“, но потоа ја објаснуваме историската генеза на јазикот, која се базира врз научно утврдени факти. Така се контекстуализирани сите изјави.

Мислам дека е најважно што изјавата ги адресира и наративите што сега се обидува да ги наметне бугарската историографија, а за Македонија се целосно неприфатливи. Неприфатливите тези Владата на Заев ги нотира во посебни потточки. Што значи тоа „нотира“? Тоа значи дека македонската Влада не влегува во полемика и во материјална расправа за тие тези, туку, едноставно, забележува (нотира) дека тие постојат и дека за нив во иднина ќе се води толерантен дијалог, во духот на пријателството што ни е неопходно.

Мислам дека со еден ваков пристап и со многу добра волја, се разбира, може да се создаде документ со кој двете страни ќе можат спокојно да се согласат, документ кој ќе означи чекор напред. Иако сметам дека не е неопходно изјавата да условува со согласност на Софија да го симне ветото за преговорите на Македонија со ЕУ, тоа е нешто што се подразбира и што потоа неизбежно ќе мора да се случи.

Уште нешто. Методолошкиот пристап што го заговарам овозможува да се премостат и некои други отворени прашања, но во принцип секогаш се залагам да се адресираат најважните, оние најболните. Исто така, може да се размислува и за опцијата една ваква изјава да биде потпишана од парламентите во Скопје и во Софија, но ми се чини дека политичките прилики во двете метрополи во моментов не се поволни за таков предизвик. Да бидеме реални, да одиме чекор по чекор.

 

Поврзани содржини