ПРЕДИЗБОРНИТЕ ВЕТУВАЊА ГИ ДУПЛИРААТ ПЛАТИТЕ Ковачевски ветува 1.100 евра просечна и 600 евра минимална плата, ама има еден услов
За уште поголемо зголемување на платите и пензиите клучен е процесот на полноправно членство во ЕУ, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Во новиот мандат на СДСМ и коалицијата просечната плата ќе биде 1.100 евра, а минималната плата ќе биде над 600 евра. За уште поголемо зголемување на платите и пензиите клучен е процесот на полноправно членство во ЕУ, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за МТВ.
– СДСМ и коалицијата многу напорно работеше во сите сегменти, благодарение на тоа имаме и зголемени плати и намалена невработеност од 25% на 12,8%. Граѓаните знаат дека со нас можат овие плати да ги имаат, бидејќи ние кога ветивме дека ќе има 500 евра просечна плата никој не веруваше во тоа. Ние имаме сега 650 евра просечна плата во државата. Кога велевме дека минималната плата од 8.000 денари ќе ја зголемиме, ние ја зголемивме неколкукратно минималната плата во државата – рече Ковачевски.
Поранешниот премиер вели дека е дел од македонските граѓани и знае со какви проблеми се соочуваат.
Можеби ќе ве интересира
– Јас знам дека сè уште е тешко, знам дека сè уште има пензионери кои едвај крпат крај со крај, знам дека има родители кои некогаш ќе легнат и гладни за да им останат повеќе пари за децата кои што им бараат од сабајле – вели Ковачевски.
Лидерот на СДСМ како услов за поголеми плати и пензии го посочува полноправното членство во ЕУ.
– За уште поголемо зголемување и на платите и на пензиите клучен е процес кој треба да го обезбедиме, т.е. пристапувањето кон полноправно членство во ЕУ. Затоа велам дека со програмата на СДСМ 2024 – 2028 ќе продолжи и зголемувањето на платите и зголемувањето на пензиите и намалувањето на невработеноста и поддршката на индустријата која не постоеше до 2017 година. Ние првпат ја воведовме таа и сега ќе биде сега дуплирана. Ќе го зголемиме субвенционирањето во земјоделството и земјоделското производство. Поддршката за младите, поддршката за лицата кои првпат влегуваат на пазарот на работна сила сè со цел да ги постигнеме овие цели – истакнува Ковачевски.